Студија на случај 1: Прегледување на 324.000 индивидуални кадри од видео снимено со мобилен телефон за да се докаже невиноста на еден активист од Рио
(Фотографија: Midia Informal)
На 15 октомври 2013 година, 37-годишниот активист Жаир Сеишас (Jair Seixas), попознат под прекарот Бајано (Baiano), беше уапсен за време на протестен собир за поддршка на штрајкот на наставниците во Рио де Жанеиро. Сеишас чекореше во мирната поворка заедно со осуммина адвокати за човекови права кога му пристапија неколку полициски службеници и го обвинија дека запалил едно полициско возило и еден минибус.
Додека го апсеа, полицијата одби да им каже на адвокатите во која полициска станица го носат или какви докази имаат за наводните дела за кои го обвинија.
Сеишас мина 60 дена во затвор, по што беше пуштен. Тој продолжува да се бори со обвиненијата против него. Кога неговите адвокати почнаа да ја планираат стратегијата на неговата одбрана, бараа видеоснимки што би можеле да докажат дека Сеишас е невин. Нивното истражување вклучуваше преглед на социјалните мрежи, барање до присутните на настанот и барање до обвинителството и до судовите да ги достават нивните видеоматеријали.
Пронајдоа пет снимки за кои сметаа дека имаат вредност како доказ во нивниот случај. Две од петте видеоснимки беа официјални судски записи на изјавите на полицајците дадени под заклетва; две беа видеоснимки поднесени од обвинителството и за нив беше потврдено дека се снимени од полициски службеници во цивилна облека што биле инфилтрирани во протестите; петтата видеоснимка беше снимена од еден медиумски активист што известуваше за протестот и беше присутен на самото место за време на апсењето на Сеишас. Активистот вршеше стриминг во живо од настанот со мобилен телефон, така што постоеја огромен број клучни снимки од настанот од прва рака.
Преку прегледување на видеоснимките, адвокатите пронајдоа клучни докази за невиноста на Сеишас. Изјавите на полицајците беа полни со противречни изјави и помогнаа да се докаже дека полицајците всушност не го виделе Сеишас како го пали автобусот, спротивно од она што го тврдеа претходно. На видеоснимките на обвинителството се слушаше како полицајците во цивил ги поттикнуваат на насилство учесниците на протестот. Тоа помогна да се покаже дека, во некои случаи, насилството за кое се обвинети учесниците на протести први го почнале полицајците во цивил.
Клучниот доказ сепак се наоѓаше во последното видео снимено од медиумскиот активист: преку анализа на индивидуалните кадри од вкупно околу три часа архивиран стрим од протестите (324.000 индивидуални кадри!), тимот на одбраната откри еден единствен кадар на кој е прикажано дека Сеишас по апсењето е одвезен во истото полициско возило кое, според обвинението, го запалил Сеишас. Тоа беше докажано со споредба на идентификациските знаци на возилото прикажано во видеото и возилото во кое беше транспортиран Сеишас.
Ние во WITNESS ѝ помогнавме на одбраната да ги идентификува и да ги подготви тие докази преку аранжирање „скриншотови“ од видеоснимките во пано, како и преку монтажа на 10-минутно видео поднесено до судијата како доказ, заедно со дополнителни поврзани материјали.
Иако сè уште трае судењето, доказите се јасни и непорекливи. Ова е инспиративен пример за начините како видеото од официјални и граѓански извори може да ѝ служи на правдата и да ги заштити невините од лажни обвинувања.