Глава 4: Корпоративните велови откриени: Користење бази на податоци, регистри на домени и други јавно достапни материјали за истражување на компаниите
Зад сè остануваат документи, трага што ги разоткрива системските нишки на незаконските и нелегални активности на некое лице, мрежа или компанија. Работата е како да ја пронајдете таа трага.
Африканската мрежа на центри за истражувачко новинарство (АНЦИР) неодамна спроведе истрага за една глобална пирамидална шема контролирана од Ренвик Хедоу (Renwick Haddow), директор од Велика Британија. Хедоу се наоѓаше на чело на субјектот наречен „Капитал Организејшн“ (Capital Organisation), што, преку мрежа од триесетина „шел“ компании, продал лажни инвестиции вредни повеќе од 180 милион долари во период од пет години.
Се работеше за глобална мрежа од меѓусебно поврзани субјекти, а нашата организација имаше буџет од 500 долари за да ја истражи и да ја разоткрие измамата. Целиот буџет му го доделивме на нашиот новинар во Сиера Леоне, кој ни беше потребен за да посети една фарма поврзана со измамата, да зборува со локалните жители и да ги извлече документите од надлежното министерство. Тоа значеше дека нема да имаме никаков буџет за другите аспекти од приказната, вклучувајќи го и следењето на финансиските траги.
Како ја разоткривме измамата? Преку пронаоѓање и следење на трагата од документи, што во нашиот случај вклучуваше пристап до многу информации од бази на податоци, корпоративни брошури, судски списи и други јавно достапни извори. Сите докази што ги собравме, како и нашето целосно истражување можете да ги прочитате во статијата „Catch and Release“, објавена во пролетното издание за 2015 година на „Ворлд Полиси Журнал“ (World Policy Journal, Spring 2015).
Анатомијата на една измама
Измамата користеше шел-компании за да им продава на инвеститорите, особено на пензионери од Велика Британија фалсификувани инвестиции во далечни земји. Наводните инвестиции вклучуваа инвестиции во земјоделство (фарми за производство на палмино масло, ориз, какао и жито), минерални ресурси (злато, платина, дијаманти), но и во недвижнини, обврзници за користење вода, ВОИП (Voice Over Internet Protocol) телефонија, и друго. На инвеститорите им беа ветени големи профити, често со гарантирана излезна стратегија за да ги убедат дека ќе си ги повратат своите инвестиции зголемени со определена заработка.
Шел-компаниите со имиња како „Агри Фирма“ (Agri Firma), „Капитал карбон Кредитс“ (Capital Carbon Credits) и „Воиптел Интернешнл“ (Voiptel International) немаа вработени, банкарски сметки, канцеларии и други компоненти што ги имаат вистинските претпријатија. Наместо тоа, Хедоу и неговата екипа ги насочуваа парите кон агенции за прием на финансии, а тие ги депонираа средствата во држави што служат како даночни засолништа, како што е Кипар. Финалната дознака беше правена до холдинг компании на Британските Девствени Острови, како што се „Русалка“ (Rusalka) и „Гленбурни Инвестмент“ (Glenburnie Investment).
Шел-компаниите промовираа инвестициски шеми што не беа регулирани, или беа подложни на лесна регулација од страна на Регулаторното тело за финансиски активности на Велика Британија (Financial Conduct Authority ‒ FCA). Потоа инвестициите беа промовирани преку фиктивни брокери со имиња како што се „Капитал Алтернативс“ (Capital Alternatives), „Велвет Асетс“ (Velvet Assets), „Премиер Алтернативс“ (Premier Alternatives), „Ејбл Алтернативс“ (Able Alternatives) и други. Тие субјекти имаа седиште во Велика Британија, но полека се проширија низ целиот свет, од Гибралтар до Дубаи. Нивните канцеларии често беа најмени на краток рок, а за некои имаше само поштенско сандаче. Многу од нив користеа исти телефонски броеви или беа регистрирани на иста адреса.
Лицето на измамата го претставуваа често бескрупулозни агенти за продажба што беа стимулирани со провизии од 25 до 40 отсто од продадените инвестиции. Остатокот беше пренесуван во форма на „компензација за инвестициски аранжмани“ на приватни „офшор“ сметки на архитектите на потфатот, како што се Ренвик Хедоу, Роберт Меккендрик и други клучни актери.
Следење на трагата
Најзначајните аспекти на секоја истрага се копањето низ податоци, внимателното слушање и поставувањето соодветни прашања. Но, поставувањето прашања бара соодветен контекст, а слушањето на вистинските извори значи дека ќе дојдете до сржта на приказната. Податоците, слободни или не, не можат да го заменат доброто истражување. За да може да спроведе добро истражување, денес новинарот мора да биде запознаен со тоа каде и како да го пронајде знаењето, како најдобро да му пристапи и да го развива тоа знаење.
Судските документи покажуваа дека тоа не беше првпат некои од лицата и субјектите вклучени во измамата да бидат предмет на истрага. Иако тој судски документ се однесуваше на навидум помалку значајно прашање – дали шемата е колективна или индивидуална – процесот сам по себе често нуди доказен материјал и идеи што инаку не би биле достапни.
Ги собравме корпоративните брошури на кои беа наведени агенциите на финансиските агенции, брокери, ревизори, физички канцеларии и други детали што ги расветлуваа врските помеѓу навидум независните компании.
Во работата користевме бесплатни јавни бази на податоци, како што е „Дудил“ (Duedil), што овозможуваат пребарување индивидуи и корпоративни директори. На тој начин, корисниците можат да ги идентификуваат сите компании – постојни, ликвидирани, итн. – во кои фигурирал некој директор. Може да обезбеди и други значајни информации: список акционери, регистрирани канцеларии и хронологија на работата на инволвираните поранешни и сегашни службеници. Го користевме и „ЛинкдИн“ за да ги провериме претходните лични и корпоративни врски.
Некои од слободните ресурси, на пример, „Дудил“ (Duedil), функционираа добро кај компаниите покриени од истрагата што имаат врски со Велика Британија. Поспецифичните аспекти ги следевме преку „Компанис Хаус“ (Companies House), „Орбис“ (Orbis) и други интернет-страници што нудат корпоративни податоци, достапни без надоместок за новинарите преку Истражувачката контролна табла. Контролната табла „е поврзана со повеќе од 400 онлајн бази на податоци во 120 национални јурисдикции во кои можете да побарате информации за лицата или бизнисите што ве интересираат“.
Африканската мрежа на центри за истражувачко новинарство е вклучена во координацијата на африканското одделение на Контролната табла. За разлика од другите јурисдикции, африканските држави често не поседуваат дигитализирани или електронски достапни податоци. Затоа обучуваме и користиме домашни истражувачи во индивидуалните земји за физичко собирање не само на ажурираните и точни корпоративни, катастарски и судски податоци, туку, меѓу другото, и за посета на клучните локации, за спроведување на основните интервјуа и за снимање релевантни фотографии.
Покрај базите на податоци, користиме и „whois“ пребарувања на интернет, ако тоа е можно, за да ги утврдиме датумот на основање и податоците за сопственоста на интернет-страниците поврзани на мрежата. Потоа ги споредивме информациите за контакт на брокерите и шел-компаниите наведени на интернет-страниците со информациите наведени во корпоративните бази на податоци. Со пребарување специфични фрази, успеавме да ги извлечеме спомнувањата на некои имиња, компании, производи, и сл. од различни документи на интернет. Ги пребаравме и новинските статии за луѓето и компаниите идентификувани во мрежата. Наскоро откривме дека во нивните редови има и убијци, перачи на пари и други такви ликови.
Како дел од истрагата, создадовме лажни профили на социјалните медиуми за да пробаме да се поврземе со релевантните компании и индивидуи и да влеземе во комуникација преку електронска пошта. Настапивме како потенцијални инвеститори за да добиеме директен пристап до начинот на кој функционира измамата.
Клучниот дел од известувањето беше спроведен лично. Кога сфативме дека приказната е фокусирана на Сиера Леоне, инвестиравме 500 долари што ги добивме од Отворено општество Западна Африка (Open Society West Africa OSIWA) за локалниот истражувач Сајлас Гбандија (Silas Gbandia). Тој правеше физичка проверка дали документите за наем на земјата беа правилно внесени, и ако не се, кои делови или аспекти се пропуштени при внесувањето.
Повеќето инвеститори од нашата приказна претпоставуваа дека документите за наем на земја се легитимни. Сепак, во ниту еден случај не постоеше законско право за инвеститорите да прават дополнителни договори за натамошно давање на земјата на под наем. Некои договори за наем на земја не беа внесени во официјалните регистри на Сиера Леоне, што значи дека не беа легитимни (такви беа, на пример, договорите што се однесуваат на палминото масло). Барем еден договор за наем на земја беше целосно лажен; другите беа само делумно валидни. Користењето локални истражувачи за извлекување на регистрираните договори за наем на земја беше од непроценливо значење.
Ја користевме бесплатната услуга „sourceAfrica“ на АНЦИР за бележење, редакција и за објавување на клучните документи, вклучувајќи ги и документите што ни ги праќаа внимателно култивираните доверливи извори.
Конечно, со сите собрани информации, се поврзавме со Хајнрих Бемке (Heinrich Böhmke), јужноафрикански обвинител и внатрешен експерт на АНЦИР, од кого побаравме да ги прегледа нашите докази со вкрстено испитување. Тоа е процес што Бемке го пренесе од правосудниот свет и го приспособи за истражувачкото новинарство. Проверивме дали доказите, ресурсите, интервјуата и изворите содржат некакви предрасуди и контрадикции, но проверивме и колку се конзистентни или веродостојни. Овде имате детален водич за вкрстеното испитување за новинари. (Освен Бемке, го користевме и специјалистот за технологија на АНЦИР, Џовани Пелерано, да ни помогне да ги извлечеме мета-податоците од многубројните електронски извори и документи.)
На крај, преку идентификување на пошироките врски помеѓу луѓето, компаниите, јурисдикциите, финансиските агенти и производи, и преку проучување на корпоративните податоци за „Дудил“ (Duedil), „Компанис Хаус“ (Companies House) и други компании, успеавме да ја визуализираме структурата на мрежата. Визуелизацијата ни покажа како функционира целата шема и кој сè е вклучен во неа.
Поголемиот дел од активностите беа резултат од истражувањето и анализата на јавно достапни информации и документи. Тие податоци ни помогнаа во мапирањето на активностите, луѓето и субјектите што беа предмет на интерес и ни ги обезбедија информациите што ни беа потребни за да продолжиме со истражувањето.
Клучни прашања
Поентата е дека не треба човек да биде генијалец за да развие добра истрага или да ги растргне корпоративните велови ‒ сè што е потребно е љубопитност, вистинската техника и посветеноста да се навлезе колку што е можно повеќе и колку што е можно подлабоко во прашањето што се разгледува. Поминете низ колку што е можно повеќе извори на податоци: корпоративни податоци, медиумски извештаи, НВО, транспортни податоци, санкции и казни, катастри... Барајте го она што не е видливо на прв поглед, она што изгледа нелогично или она што сметате дека стрчи. Следете ги сопствените инстинкти. Поставете колку што е можно повеќе прашања. На пример, кога истражувате некој корпоративен субјект, поставете прашања како што се следниве:
- Што работи компанијата?
- Колку вработени има? Кои се нејзините вработени?
- Во кои земји оперира?
- Во кои држави е регистрирана?
- Кои се имињата на поврзаните компании во секоја од земјите во кои работи компанијата?
- Каде плаќа даноци?
- Каде ја пријавува заработката?
- Кој е обемот на трансферните цени помеѓу нејзините подружници?
- Кои компании ја користат таа практика и зошто? (И каде?)
Запомнете, сè остава трага од документи.