Logo Cover

Глава 3: Алатки за истражување на интернет и истражувачки техники

Пол Маерс (Paul Myers) е специјалист за истражување на интернет во Би-Би-Си. Пол се приклучил на Би-Би-Си во 1995 година како истражувач на информации за вестите. Тој, исто така, ја води Клиниката за истражување на интернет (The Internet Research Clinic), интернет-страница посветена на упатување на новинарите кон најдобрите линкови, апликации и ресурси за истражување. Неговата улога во Академијата на Би-Би-Си е да организира и да испорачува курсеви за обука поврзани со истражувањето на интернет, дата-новинарството, слободата на информациите, известувањето за статистички податоци, работа со социјалните медиуми, веб-дизајн и продукција на фотографии и илустрации. Соработувал со водечки програми, како што се „Панорама“ (Panorama) и „Вочдог“ (Watchdog), национални информативни програми, Би-Би-Си Онлајн, локални и национални радиостаници и со Светскиот сервис на Би-Би-Си. Тој, исто така, редовно блогира на интернет-страницата на Новинарскиот колеџ на Би-Би-Си. Пол помагал и во обуката на членови на тимовите на „Гардијан“, „Дејли телеграф“, „Тајмс“, „Ченел 4“, Си-Ен-Ен, Светската банка и УНДП.

Пребарувачките машини се природен дел од дијапазонот на често користените истражувачки алатки со отворен извор. Заедно со социјалните медиуми, прегледите на имиња на домени и потрадиционалните решенија, како што се весниците и телефонските именици, ефективното пребарување на интернет ќе ви помогне да ги пронајдете клучните информации што ќе го поддржат вашето истражување.

Многу луѓе откриле дека пребарувачите често водат до разочарувачки резултати што потекнуваат од сомнителни извори. Сепак, постојат неколку трикови што ќе ви помогнат да бидете сигурни дека ги имате страниците што ви се потребни од интернет-страници во кои можете да имате доверба. Истото важи и за пребарувањето на социјалните мрежи и други извори за лоцирање луѓе: малку стратегија и разбирање како да го извлечете тоа што ви е потребно ќе ги подобри резултатите што ги добивате.

Оваа глава се фокусира на три области на истражувањето на интернет:

  1. Ефективно пребарување на интернет.
  2. Пронаоѓање луѓе на интернет.
  3. Идентификување на сопственоста на домените.

1. Ефективно пребарување на интернет

Пребарувачките машини, како што е „Гугл“, всушност, не знаат за што се работи и на што се посветени индивидуалните интернет-страници. Од друга страна, тие ги познаваат зборовите што се наоѓаат на тие страници. Значи, за да се однесува како што треба машината за пребарување, треба да откриете кои зборови можат да се најдат на саканите интернет-страници.

Пред сè, мудро и внимателно изберете ги термините за пребарување. Секој нов збор што ќе го внесете во полето за пребарување ги фокусира резултатите преку елиминација на оние резултати што не ги содржат зададените клучни зборови.

Некои зборови се наоѓаат на сите страници што ви се потребни. Други зборови може да се наоѓаат, а може и да не се наоѓаат на целната страница. Обидете се да ги избегнете субјективните клучни зборови затоа што можат да елиминираат корисни страници од прикажаните резултати.

Користете напредна синтакса за пребарување.

Најголемиот број машини на пребарувачи поседуваат корисни, таканаречени скриени својства што се клучни за фокусирањето на вашето пребарување и за добивање подобри резултати.

Алтернативни клучни зборови

Ако немате список на дефинитивни клучни зборови, сепак можете да внесете други можни клучни зборови без да им наштетите на резултатите. На пример, страниците на кои се расправа за употребата на хероин во Тексас може да не го содржат зборот „Тексас“, туку да спомнуваат имиња на различни градови. Таквите зборови можете да ги вградите во вашето пребарување како алтернативни клучни зборови преку одвојување со зборот „OR“ (со големи букви).

Истата техника можете да ја искористите и за пребарување алтернативни начини на пишување лични имиња, имиња на компании или организации.

Пребарување преку име на домен

Вашето пребарување можете да го фокусирате на една одредена интернет-страница преку користење на синтаксата за пребарување „site:“ следена од името на доменот.

На пример, за да го ограничите вашето пребарување само на резултатите од „Твитер“:

За да го додадете „Фејбук“ на пребарувањето, едноставно повторно употребете го „OR“:

Таа техника можете да ја искористите за да се фокусирате, на пример, на интернет-страницата на една одредена компанија. „Гугл“ ќе ви ги даде само резултатите што потекнуваат од таа интернет-страница.

Можете да ја искористите за да го фокусирате вашето пребарување на извори од општинската администрација или академски извори. Ова особено е корисно кај истражувањето за држави што користат единствени имиња на домени за владините и универзитетските интернет-страници.

Забелешка: Кога пребарувате на универзитетски или факултетски интернет-страници, претходно проверете дали страницата што сте ја пронашле е напишана или одржувана од универзитетот, или му припаѓа на некој од професорите или студентите. Како и секогаш, има значење кој е и каков е специфичниот извор.

Пребарување по видови фајлови и документи

Некои информации доаѓаат во одредени типови или формати на документи. На пример, статистичките податоци и бројки често се организирани во табели во „Excel“. Професионално подготвените извештаи често се наоѓаат како ПДФ документи. Форматот што ви е потребен можете да го пребарувате со користење на операторот „filetype:“ по што ќе ја внесете саканата екстензија за фајлот со податоци (xls за табела, docx за документи во „Word“, итн.).

2. Пронаоѓање луѓе

Групи луѓе генерално лесно се наоѓаат на интернет и често може да се покаже многу потешко и посложено да се пронајде едно лице. Почнете со тоа што ќе креирате и ќе изградите досие за лицето што се обидувате да го лоцирате или за кое сакате да дознаете повеќе. Досието може да ги вклучува следниве работи:

  • Името на лицето, при што треба да водите сметка за следново:

  • Варијациите на тоа име (дали Џејмс се нарекува себеси „Џејмс“, „Џим“, „Џими“ или „Џејми“?).

  • Како се пишуваат имињата на соодветното писмо (дали Јусуф на латиница се пишува „Yusef“ или „Yusuf“?)
  • Дали лицето го променило името кога стапило во брак?
  • Дали го знаете неговото средно, татково име или иницијал?
  • Местото на живеење или на раѓање на лицето што го барате.

  • Што работи и во која компанија.

  • Имињата на пријателите и членовите на неговото/нејзиното семејство, затоа што тие можат да се појават на списокот на пријатели и следбеници на социјалните мрежи.

  • Телефонскиот број на бараното лице, податок што сега може да се пребарува на „Фејсбук“, а може и да се појави на интернет-страниците што ги прикажува пребарувањето на „Гугл“.

  • Некое од корисничките имиња што ги користи бараното лице, затоа што често се случува едно лице да користи исто корисничко име на повеќе социјални мрежи.

  • Адресата на електронска пошта, затоа што таа може да се внесе во „Фејсбук“ и да ги прикаже поврзаните кориснички налози. Ако не ја знаете адресата на електронската пошта, но имате идеја кој домен би можело да го користи бараното лице, интернет-страниците како што е email-format ќе ви помогнат да ја погодите адресата.

  • Фотографијата ќе ви помогне да го пронајдете вистинското лице, особено ако лицето има често или популарно име.

Напредно пребарување на социјалните медиуми: „Фејсбук“

Новата алатка за пребарување на „Фејсбук“ е навистина извонредна. За разлика од претходните опции за пребарување на „Фејсбук“, таа ќе ви дозволи да ги пронајдете луѓето со користење различни критериуми, вклучувајќи ги, за првпат, и страниците што му се „допаднале“ (Liked) на бараното лице. Таа ви овозможува и пребарување на страниците на „Фејсбук“ со користење клучни зборови.

Најновата опција за пребарување со клучни зборови, за жал, (сè уште) не вклучува никакви филтри за напредно пребарување. Исто така, изгледа дека пребарувањето е ограничено на постовите од вашиот социјален круг, омилените страници на вашите пријатели и некои кориснички налози со мошне висок профил.

Освен кон клучните зборови во постовите, пребарувањето може да биде насочено кон луѓе, страници, фотографии, настани, локации, групи и апликации. Резултатите од пребарувањето за секоја од тие категории се претставени во табови што се активираат со кликнување на нив.

На пример, едно едноставно пребарување за клучниот збор „Chelsea“ ќе ги излиста поврзаните страници и постови во табот „Posts“:

Табот „People“ ќе ги излиста луѓето што се викаат Chelsea. Како и кај другите табови, резултатите се подредени на начин што приоритет им даваат на оние што се поврзани со вашите пријатели и омилени страници.

Табот „Photos“ ќе ги излиста фотографиите што се поставени јавно, или се поставени од пријатели што се поврзани со зборот „Chelsea“ (како што се „Chelsea Clinton“, „Chelsea Football Club“ или вашите пријатели што се излезени да се забавуваат во лондонскиот кварт Chelsea (Челзи)).

Вистинската истражувачка вредност на опцијата за пребарување на „Фејсбук“ станува видлива ако го фокусирате пребарувањето на она што навистина ви е потребно.

На пример, ако ги истражувате врските помеѓу екстремистичките групи и фудбалот, можеби ќе посакате да ги побарате луѓето на кои истовремено им се допаѓаат и организацијата „Англиска одбранбена лига“ (The English Defence League) и ФК „Челзи“ (Chelsea Football Club). За да ги видите резултатите, не заборавајте да кликнете на табот „People“.

Се работи за нова алатка и „Фејсбук“ сè уште работи на нејзиното „пеглање“ и подобрување, па поради тоа можеби ќе ви бидат потребни неколку обиди за добро да ги изберете зборовите за вашето пребарување. Сепак, трпеливоста се исплатува.

„Фејсбук“ дозволува да додадете повеќе видови модификатори и филтри на вашето пребарување. На пример, можете да го наведете брачниот статус, сексуалната определба, верската припадност, политичките ставови, страниците што им се допаѓаат на луѓето што ги барате, групите на кои им се придружиле или местото каде што живеат или каде што израснале. Можете да прецизирате каде студирале, што работат и во која компанија. Можете дури и да ги пронајдете коментарите што некој ги додал на поставените фотографии. Можете да пронајдете некого пребарувајќи по име или да пронајдете фотографии во кои е „тагнато“ нечие име. Можете да ги излистате луѓето што учествувале на еден настан или ја посетиле бараната локација. Можете и да ги комбинирате сите наведени фактори во сложени, имагинативни, софистицирани пребарувања и да пронајдете резултати за кои не сте се ни надевале дека би можеле да ги добиете. Од друга страна, можеби ќе добиете уште подобри резултати пребарувајќи ја интернет-страницата преку машини за пребарување, како што е „Гугл“ (додајте „site:facebook.com“ во полето за пребарување).

Напредно пребарување на социјалните медиуми: „Твитер“

Многу од другите социјални мрежи дозволуваат напредни пребарувања што често одат подалеку од едноставното пребарување „клучен збор на страница“ што го нудат страниците како што е „Гугл“. Напредното пребарување на „Твитер“, на пример, ви овозможува да ги следите конверзациите помеѓу корисниците и да го ограничите вашето пребарување со датуми.

„Твитер“ им овозможува на други интернет-страници да ги користат неговите податоци и да креираат сопствени интересни пребарувања. Страницата Followerwonk, на пример, ви овозможува да ги пребарувате биографските податоци на корисниците на „Твитер“ и да направите споредба помеѓу корисниците. Topsy поседува обемна архива на „твитови“ и уште многу други уникатни функционалности.

Напредно пребарување на социјалните медиуми: „ЛинкдИн“ (LinkedIn)

„ЛинкдИн“ дозволува пребарување во различни области, вклучувајќи ги локацијата, универзитетот на кој студирало бараното лице, компанијата во која работи, компаниите во кои претходно работело лицето и неговиот статус на работното место.

За да го користите напредното пребарување, треба да бидете логирани на „ЛинкдИн“, така што, не заборавајте да ги проверите вашите приспособувања за приватност. Не сакате да оставите траги на профилот на лицето што е предмет на вашата истрага што водат до вас!

Во напредното пребарување на „ЛинкдИн“ се влегува преку кликнување на линкот до полето за пребарување. Исто така, осигурете се дека сте ја избрале опцијата „3rd + Everyone Else“ во областа врски/односи (relationship). Во спротивно, вашето пребарување ќе ги вклучи и вашите пријатели и колеги, и нивните пријатели.

„ЛинкдИн“ е наменет првенствено за деловно поврзување и за вмрежување. Изгледа дека неговата опција за напредно пребарување е дизајнирана првенствено за лица што бараат лица за вработување, па сепак, таа опција останува мошне полезна за истражувачите и за новинарите. Личните податоци се наведени во јасно дефинирани полиња, што ви олеснува да ги прецизирате елементите од вашето пребарување.

Можете да внесете нормални клучни зборови, имиња и презимиња, локации, сегашни и претходни работодавачи, универзитети и други фактори. Претплатниците на нивните премиум услуги можат да ги прецизираат и големината на компанијата и улогата што ја има работното место во компанијата.

LinkedIn ви дозволува да пребарувате различни области, вклучувајќи ги локацијата, универзитетот на кој студирало бараното лице, сегашната компанија, претходните компании во кои работело и статусот што го има во компанијата.

Други можности

Интернет-страниците, како што се Geofeedia и Echosec ви овозможуваат да пребарувате „твитови“, постови на „Фејсбук“, видеа на „Јутјуб“, фотографии на „Флицкр“ (Flickr) и на „Инстаграм“ (Instagram) што биле пратени од претходно дефинирани локации. Изберете еден регион или адреса и откријте ги активностите на социјалните медиуми. Geosocialfootprint.com ќе ги постави активностите на корисникот на „Твитер“ на мапа (функционира ако корисниците ја активирале опцијата локација на нивните налози).

Дополнително, специјалистичките алатки за „пребарување луѓе“ („people research“), како што се Pipl и Spokeo, можат да завршат многу од тешките задачи поставени пред вашето истражување преку пребарување повеќе бази на податоци, социјални мрежи и дури и интернет-страници за пронаоѓање партнери. Треба само да го внесете името, адресата на електронска пошта или корисничкото име, и пребарувачот ќе го стори останатото. Друга опција е да ја искористите алатката multisearch на „Сторифул“ (Storyful). Се работи за додаток (plugin) за интернет-пребарувачот „Хром“ (Chrome) што овозможува внесување еден единствен термин за пребарување, како што е корисничко име, и може да се добијат резултати од „Твитер“, „Инстаграм“, „Јутјуб“, „Тумблр“ (Tumblr) и „Спокио“ (Spokeo). Секоја од тие интернет-страници се отвора во нов таб на пребарувачот што ги содржи релевантните резултати.

Пребарување по фотографија на профилот

Луѓето често користат една фотографија за своите профили на повеќе различни социјални мрежи. Знаејќи го тоа, реверзибилното пребарување фотографии и илустрации на интернет-страници, како што се TinEye и Google Images, ќе ви помогне да ги идентификувате поврзаните кориснички налози.

3. Идентификување на сопственоста на домените

Многумина новинари биле измамени од злонамерни интернет-страници. Знаејќи дека е лесно некој да купи неупотребуван домен со екстензијата .com, .net или .org, не би требало да ги земаме интернет-страниците „здраво за готово“. Иако една интернет-страницата изгледа квалитетно произведена, со име на домен што звучи автентично, сепак може да се работи за политичка измама, лажна компанија или сатирична „несолена шега“.

Одредено ниво на контрола на квалитетот може да се постигне со проверка на името на доменот. Пребарајте го во „Гугл“ и погледнете што напишале другите луѓе за таа интернет-страница. Апсолутно е неопходно да се спроведе „whois“ пребарување. DomainTools.com е една од многуте интернет-страници што нудат можност да се направи „whois“ пребарување. Таа ги излистува податоците за регистрацијата дадени од сопственикот на интернет-страницата при купувањето на името на доменот.

На пример, на Светската трговска организација ѝ претходел Општиот договор за трговија и тарифи (General Agreement on Tariffs and Trades (GATT). Очигледно постојат две интернет-страници што ја претставуваат СТО. Ги имаме wto.org (вистинска) и gatt.org (лажна). Само еден поглед на интернет-страницата хостирана на gatt.org, и повеќето истражувачи ќе знаат дека нешто не е во ред, но тоа не би било првпат новинарите да бидат доведени во заблуда.

Едно „whois“ пребарување ќе ги разбие сите сомневања преку откривање на информациите од регистрацијата. Wto.org е регистрирана на Интернационалниот компјутерски центар на Обединетите народи. Gatt.org, од друга страна, е регистрирана на лицето „Andy Bichlbaum“ од групата ноторни шегаџии „the Yes Men“.

„Whois“ не е универзален лек за верификација. Луѓето често се служат со лаги при пополнувањето на формуларот за регистрација на домен. Некои користат сервиси за анонимност, како што е „Domains by Proxy“, но комбинирањето на „whois“ пребарување со други алатки за имиња на домени и IP-адреси е важно оружје во борбата да се обезбедат корисни материјали од автентични извори.


Published on: 1 September 2016
Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial-NoDerivatives 4.0 International License.