Глава 6: Градење експертиза преку верификација на кориснички содржини
Во подоцнежните фази од граѓанската војна во Либија во 2011 година, бунтовничките групи се пробија од регионот на планината Нафуза и почнаа да освојуваат градови. Се појавија многу контрадикторни извештаи за освоени градови во подножјето на планинскиот масив. Едно од тие тврдења се однесуваше на гратчето Тиџи, на север од планината. На интернет беше поставено видео на кое се гледаше тенк како минува, како што тврдеше видеото, низ центарот на градот.
Во тој период јас се занимавав со испитување на корисничките содржини што доаѓаа од зоната на судири во Либија. Ме интересираше да разберам што се случува на теренот, зад она за што известуваа медиумите. Имаше постојани тврдења и оспорувања на тврдењата за тоа што се случува на теренот. Мене ме интересираше да одговорам на едно единствено прашање: како ќе знаеме дека некој извештај е точен?
Токму поради тоа, прво научив да го користам геолоцирањето за верификација на локацијата на која се снимени видеата. Тоа ми помогна да ги усовршам техниките за истражување со отворени извори што денес ги користиме и јас и други луѓе за истражување на сè и сешто, од меѓународна корупција до воени зони и срушени авиони.
Видеото од Тиџи прикажуваше тенк што вози по широк пат, покрај некаква џамија. Тиџи е мало гратче; мислев дека веројатно ќе биде лесно да се пронајдат тој пат и таа џамија.
До тој момент, не бев ни размислувал за можноста да користам сателитски мапи за да ги побарам објектите видливи на видеоснимки за да потврдам каде се снимени. Сателитските снимки прикажани подолу јасно покажуваа дека постои само еден главен пат што минува низ градот, а покрај тој пат постоеше една џамија. Ги споредив позицијата на минарето, куполата и блискиот ѕид на сателитската слика и нивната позиција на видеото, и беше јасно дека совршено се совпаѓаат.
Кога утврдив која е најверојатната позиција на камерата во градот, можев да го прегледам целото видео и да споредам и други детали со она што беше видливо на сателитската слика. Добив дополнителна потврда дека позициите се совпаѓаат.
Експертизата во областа на геолоцирање со помош на сателитска мапа ја изградив со текот на времето, со користење нови трикови и техники кога преминував на нови видеа.
Сообраќајници што се совпаѓаат со сликата
По видеото од Тиџи, прегледав едно видео што наводно беше снимено во друг либиски град, во Брега, на кое се гледаат борци на бунтовничките сили како шетаат по улиците. Прво изгледаше дека нема поголеми и позначајни објекти, како што се џамии, на сателитските снимки. Сепак, сфатив дека постои нешто големо што е видливо на видеото. Како што минуваа по улиците, беше можно да се мапираат улиците по нивната маршрута, што потоа ги споредив со она што се гледаше на сателитските мапи. Подолу е прикажана рачно нацртаната мапа на улици, онака како што јас ги видов на видеото.
Ги прегледав сателитските снимки од градот, барајќи слична шема на улици. Наскоро пронајдов совпаѓање:
Лов на сенки
Како што ќе се запознавате со геолоцирањето врз основа на сателитски снимки, ќе научите да ги препознавате и помалите објекти. На пример, иако предметите, како што се билборди и улични светилки, се мали, сенката што ја фрлаат може да укаже на нивното присуство. Сенките можат да се искористат за добивање информации за висината на зградите и за нивната форма:
Сенките можат да се искористат за утврдување на времето во кое е снимена некоја слика. По рушењето на авионот на летот МХ17 во Украина, беше споделена следната фотографија на која се гледа ракетен лансер „Бук“ во градот Торез:
Можеше да се утврди точната позиција на камерата и од неа да се извлече насоката по која се протегаат сенките. Се послужив со интернет-страницата Sun Calc, што им овозможува на посетителите да ја пресметаат позицијата на сонцето во текот на денот со користење интерфејс подготвен врз основа на „Гугл мапс“. Тогаш може да го поставам времето на приближно 12.30, по локално време, претпоставка што подоцна ја потврдив преку интервјуа со цивилите од тој крај и со споредување на сведоштвата на социјалните мрежи што тврдеа дека ракетниот лансер поминал низ градот.
Во примерот на 17 јули 2014 година и рушењето на МХ17, тоа беше можно да се направи преку анализа на неколку видеа и фотографии од ракетниот лансер „Бук“. Јас, како и неколку други луѓе, можевме да подготвиме мапа со движењето на лансерот во текот на тој ден, како и хронологија на сведоштвата на очевидци.
Со здружување на неколку различни извори, алатки и техники, беше можно да се поврзат поединечните информации и да се утврдат клучните факти за инцидентот.
Еден клучен елемент на работата со кориснички содржини во истражувањето е разбирањето на начините на споделување на таквите содржини. Во Сирија, главен извор на информации од некои области се грст опозициски страници на социјалните медиуми. Тоа, секако, го ограничува гледањето на конфликтот во различни региони, но, исто така, значи и дека е можно да се соберат, да се организираат и систематски да се прегледаат тие извештаи за да се добијат најновите информации.
Во случајот на Украина, нема многу ограничувања за пристапот до интернет, па информациите се споделуваат насекаде. Тоа поставува нови предизвици за собирањето информации, но значи и дека постојат повеќе нефилтрирани содржини што можат да содржат вистински драгоцени камења во нив.
Во текот на истражувањето на ракетниот лансер „Бук“ поврзан со рушењето на МХ17 за потребите на „Белингкет“, беше можно да се пронајдат повеќе видеоснимки од еден конвој што патува низ Русија до границата со Украина во кој се наоѓаше и лансерот снимен и фотографиран во Украина на 17 јули.
Видеата беа поставени на налози на социјалните медиуми и на неколку различни интернет-страници што им припаѓаа на различни лица. Ги откривме така што прво спроведовме геолоцирање на почетните видеа, а потоа резултатите ги искористивме за предвидување на најверојатната маршрута на движење што тие возила би ја искористиле до секоја геолоцирана локација. Потоа можевме да извршиме пребарување со клучни зборови на различни социјални медиуми за да ги добиеме имињата на локациите по должината на маршрутата по која би требало да патува возилото. Пребарувавме и со клучни зборови, како што се „конвој“, „ракета“ и сл. што можеби беа поврзани со сведоштвата.
Иако сето тоа одземаше многу време, ни дозволи да создадеме збирка од извештаи од голем број извори што инаку би биле занемарени и, секако, никој не би собрал на едно место.
Ако треба да дадам некаков совет за крај, би ви рекол да се обидете да го искористите тој приод за некое истражување. Чудесно е што сè можете да откриете ако им пристапите на корисничките содржини и информациите од отворени извори на систематски начин. Се учи брзо и низ работа. Дури и нешто толку едноставно, како што е проверката на геолокацијата што ја извршил некој друг, може да ви помогне да научите многу за споредбата на видеа и фотографии со сателитски снимки.