Глава 9: Презентирање на кориснички содржини во истражувачкото новинарство
Пред десет години, силен земјотрес во Индискиот Океан предизвика уништувачки бран од цунами што го погоди целиот регион. Отпрво немаше фотографии на бранот; беа потребни неколку дена за да се појават првите фотографии. Дури и кога се појавија, повеќето од нив беа несигурни снимки, со многу тресење и вибрации, снимени претежно од туристи што го притиснале копчето за снимање на нивните камери додека бегале на посигурно место. Никој од нив не очекувал дека домашните видеа од семејното летување ќе станат снимки на очевидци на една трагедија од огромни размери.
Денес, ситуацијата е целосно различна. За време на речиси сите настани, случајните минувачи ги користат мобилните телефони за да го споделат развојот на ситуацијата преку социјалните медиуми и во реално време, но и да снимат и постават фотографии и видео директно на „Твитер“, „Фејсбук“, „Инстаграм“ или на „Јутјуб“.
Сепак, фактот што денес таквото однесување го прифаќаме како „здраво за готово“ не значи дека сме ги утврдиле правилата за тоа како да ги користиме таквите материјали од правна, етичка и дури логистичка гледна точка. Организациите сè уште работат на најприфатливите начини за користење на таквите видови содржини. Тоа се случува и во новинските организации и кај оние што управуваат со брендови кај групите за заштита на човековите права и во образованието.
Постојат значајни разлики помеѓу снимениот материјал пратен директно до некоја организација и материјалите што се поставени јавно на некоја социјална мрежа. Најзначајната работа што треба да ја знаете и да ја запомните е дека кога некој ќе постави фотографија или видео на социјална мрежа, авторското право останува негово или нејзино. Значи, ако сакате да ги преземете фотографијата или видеото за да ги искористите на друго место, претходно мора да побарате дозвола. Ако само сакате да го „вградите“ (embed) таквиот материјал, користете го кодот за embed што го нудат сите социјални мрежи и, од правна гледна точка, не мора да барате дозвола. Сепак, етички би било најсоодветно да го контактирате лицето што ја создало содржината за да го известите како планирате да ја искористите и каде.
Барање дозвола
Правниците секогаш претпочитаат да се постигне формална спогодба со потпишан договор на писмено; сепак, поради итноста што ги следи настаните што претставуваат ударни вести, она што стана норма е да се побара дозвола преку соодветната социјална мрежа. Таквиот приод носи многу придобивки, и не е најмалку значајна од нив можноста за непосреден дијалог со корисникот што ги споделил материјалите.
Поставувањето на вистинските прашања кога ги контактирате ќе ви помогне во процесот на верификација. Првото и најзначајно прашање што треба да го поставите е дали тоа лице самото го снимило предметниот материјал. Неверојатно голем број луѓе на своите канали поставуваат содржини подготвени од други луѓе. Многу често „даваат дозвола“ за користење дури и кога немаат никакво право да го сторат тоа. Исто така, треба да ги поставите основните прашања што се однесуваат на нивната локација, што друго можеле да видат, за да ви помогне да ја утврдите автентичноста на она што тврдат дека го посведочиле.
Ако лицето штотуку искусило некаков трауматичен или шокантен настан, можно е сè уште да се наоѓа во опасност. Друг клучен чекор е да утврдите дека се наоѓаат на безбедно и дека можат да одговараат на вашите прашања. Кога барате дозвола, значајно е да бидете колку што е можно потранспарентни и отворени околу начинот на кој сакате и планирате да ги користите снимките. Ако сакате да го лиценцирате видеото на глобално ниво, треба тоа да го објасните на начин што ќе обезбеди дека лицето што го поставило ќе разбере што значи тоа.
имате еден пример како можете да го сторите тоа:
Ако, од друга страна, сакате да го сторите тоа со вистински правен договор, ќе треба, преку електронска пошта, да ги направите потребните подготовки и преговори. Ако барањето дозвола го правите преку предметната социјална мрежа, секако, направете „скриншот“ од вашиот разговор. Понекогаш се случува луѓето да ви дадат дозвола за користење за потоа, по преговорите за ексклузивен договор со друга организација, да ги избришат сите записи на социјалните медиуми од кои се гледа дека дале дозвола и на други лица.
Плаќање
Не постојат општоприфатени стандарди на ниво на индустрија што се однесуваат на плаќањето за содржини. Некои луѓе бараат да им се плати за материјалите, други не бараат. Некои немаат проблем организациите да ги користат нивните фотографии и видеа, сè додека се наведува нивното авторство. Други не сакаат да биде наведено нивното авторство.
Затоа треба да ги поставите тие прашања додека барате дозвола за користење. Треба да размислите и за можните импликации од користењето на материјалите. На пример, едно лице можеби создало некаква содржини и сметаат дека кога ја поставиле, ја споделиле само со нивната мала мрежа на пријатели и роднини. Не очекувале дека некој новинар ќе ја пронајде таа содржина. Можеби ја снимиле некаде каде што не требало да биде, или снимиле нешто незаконско и не сакале да бидат инволвирани. Или, едноставно, не сакале една фотографија, поставена набрзина за да ја видат нивните пријатели, за потоа да се најде „вградена“ на информативна интернет-страница со милиони читатели.
Подолу имате пример за одговорот на едно лице што на „Инстаграм“ поставило фотографија снимена за време на пукањето во канадскиот парламент во октомври 2014 година.
Како дел од тековните активности за следење и истражување, во „Ајвитнес Медија хаб“ (Eyewitness Media Hub) анализирале стотици разговори помеѓу новинари и лица што поставувале материјали што се случиле во текот на 18 месеци во 2013, 2014 и во 2015 година. Одговорите на луѓето што ги создавале материјалите не се секогаш такви какви што би очекувале да бидат. Оваа статија на „Ајвитнес Медија хаб“ (Eyewitness Media Hub), интернет-страница во која сум соосновач, се осврнува на содржината што се појави во текот на нападите во Париз на почетокот од 2015 година, како и на луѓето што неочекувано се најдоа, заедно со материјалите што ги создале, во центарот на медиумското известување за тие настани.
Атрибуција
Нашето искуство и анализите што ги имаме спроведено покажуваат дека огромно мнозинство од луѓето не сакаат да им се плати за материјалите; тие само сакаат да им се спомнат заслугите. Овде не се работи само за тоа што е исправно: тоа, исто така, е прашање на транспарентноста кон својата публика. За начинот на атрибуција не постојат стандарди на ниво на индустријата, а секој што поставил материјали сака да биде атрибуиран на различен начин. Особено ако не плаќате за користењето на нивните материјали, имате законско право да ги следите нивните упатства и желби.
Во телевизиските вести, каде што не постои можност за „вградување“ (embed) на содржините, информациите за авторството треба да бидат видливи на екранот. Најприфатливата и најправилната форма на атрибуција вклучува две информации. Прво, социјалната мрежа на која снимката/содржината оригинално е споделена, и, второ, името на лицето, пренесено на начинот на кој сака цитираното лице. Тоа може да биде нивното вистинско име или корисничко име или прекар, на пример, „Twitter/C.Wardle“ или „Instagram/cward1e“ или „YouTube/Claire Wardle“.
На интернет, содржините треба да бидат „вградени“ од платформата на која изворно се поставени, без оглед дали се работи за „Твитер“, „Инстаграм“ или за „Јутјуб“. Тоа значи дека атрибуцијата веќе постои како дел од „вградениот“ материјал. Ако се користи приказ на фотографија или видео од екранот (screenshot), објавени на социјална мрежа, треба да се користи истиот приод. Во легендата на илустрацијата, исправно е да се наведе линк до оригиналниот пост.
Имајте на ум дека „вградената“ содржина, ако оригиналниот поставувач ја отстрани од социјалната мрежа, ќе се изгуби и од вашата интернет-страница. Во крајна линија, треба да се обидете да го набавите оригиналниот документ, особено ако планирате таа содржина да стои објавена или да ја користите подолго време.
Во некои ситуации, тоа ќе биде прашање на ваша процена. Ако се работи за тековна ситуација, можеби не е најприфатливо да се споделат информациите за лицето што ја создало содржината, како што покажува овој новинар на Би-Би-Си Њус:
Означување
Најдобра практика е да се означи („label“) кој ја снимил содржината. За оваа фотографија на жена во снежна луња во долината Бека во Либан, важно е публиката да знае кој ја снимил. Дали е снимена од вработен во УНХЦР? Дали е снимена од слободен новинар? Дали е снимена од граѓански новинар? Дали е снимена од бегалец?
Во нашиот случај, фотографијата ја снимил еден бегалец, но беше дистрибуирана до новинските организации од страна на УНХЦР, преку нивната корисничка сметка на „Флицкр“ Flickr). Ако редакцијата користи некоја фотографија што е снимена од лице што не е поврзано со таа редакција, а во служба на транспарентноста, на публиката треба да ѝ се открие секаква можна поврзаност помеѓу авторот и редакцијата. Означувањето на таквиот вид материјали само како „аматерска снимка“ или слична формулација не го обезбедува потребниот контекст.
Верификација
Нема стандарди за означување дали материјалите се верификувани или не на ниво на целата индустрија за информирање. „Асошиејтед Прес“ нема да дистрибуира фотографија или видео ако тие не поминале низ процедурите за верификација на АП. Иако другите информативни медиуми се трудат да не објавуваат неверификувани снимки, тешко е да се биде сто отсто сигурен кога се работи за видео или фотографија што се снимени од лице што не е поврзано со редакцијата.
Како резултат на тоа, многу новински организации ги објавуваат фотографиите или видеата со забелешка и предупредување дека „ова не е можно да се верификува од независен извор“. Таа формулација е проблематична, затоа што вистината е дека редакцијата можеби спровела повеќе проверки за верификација, или се потпира на агенциите да ги спроведат таквите проверки, пред да ја објави фотографијата или да го емитува видеото. Таа фраза, значи, се користи како дополнително осигурување.
Иако останува да се истражи влијанието што таа фраза го има врз публиката, нејзиното повторување ги подрива спроведените процеси на верификација. Најдобра практика е да се означи содржината со оние информации што можете да ги потврдите, како што се изворот, датумот или локацијата. Ако можете да потврдите само две од наведените три, додајте ги тие информации на фотографијата или на видеото. Живееме во ера во која читателите или гледачите често можат да дојдат до истите материјали до кои доаѓаат новинарите; публиката е изложена на истите фотографии и видеоснимки од ударните вести што ги добиваат преку социјалните мрежи. Значи, најзначајната улога што ја имаат новинарите е да го обезбедат контекстот поврзан со споделените содржини: да го разоткријат она што е лажно, да обезбедат клучни информации за времето, датумот или локацијата, како и да покажат во каков однос се наоѓа таа содржина со другите материјали што кружат наоколу.
Етичко однесување
Генерално, запомнете дека кога работите со материјали снимени од други лица, треба на сопственикот на содржината да му пристапите со почитување, треба да работите напорно за да ги верификувате изнесените тврдења и треба да бидете колку што е можно потранспарентни и поотворени кон вашата публика.
Луѓето што ги поставуваат своите видеоснимки снимени со мобилен телефон се, пред сè, сведоци на настан што претставува вест. Тие не се слободни новинари. Мнозинството од нив нема самите себеси да се идентификуваат како граѓански новинари. Често знаат сосема малку за начинот на кој функционира индустријата на вести. Не ги разбираат зборовите, како што се „ексклузивно“, „синдикација“ или „дистрибуција“.
Новинарите имаат одговорност содржините да ги користат етички. Само затоа што некој јавно поставил некаква содржина на некоја од социјалните мрежи, тоа не значи дека размислиле за импликациите од појавувањето на таа содржина на некој национален или меѓународен медиум.
Потребна ви е информирана согласност, не каква било согласност, што значи да се одговори на следниве прашања: Дали лицето што ги поставило материјалите разбира за што ја дава дозволата за користење? Што се однесува до атрибуцијата, мора да разјасните со нив дали бараат атрибуција и каква. Одговорите на тие прашања знаат да бидат изненадувачки.