Глава 10: Организирање на редакцијата за водење подобро и поточно истражувачко новинарство
Сè почна со една картонска кутија полна со исечоци од весници. Во 1947 година, Рудолф Аугштајн (Rudolf Augstein), основач и издавач на Дер Шпигел, одлучил дека неговиот весник треба да собира и да чува архива на претходно објавените трудови.
Таа кутија наскоро прерасна во архива што се чува на стотици, а подоцна и на илјадници метри полици. Весници, магазини и други новински медиуми беа каталогизирани, заедно со оригиналните документи добиени од владини тела и од други извори. Аугштајн ја фалеше својата архива за која има кажано дека „може да ги исфрли и најекстравагантните информации“. Аугштајн почина во 2002 година.
Повеќе од кој било реиздавач во Германија, Аугштајн веруваше во моќта и во вредноста на добро одржувана архива, но и колку е значајно таа архива да помине низ процес на проверка на фактите.
Сè до крајот на 1980-те години, архивата на Шпигел беше само на хартија. Почнувајќи од 1990-те години, класичните архиви се проширија и на виртуелниот простор. Денес, на архивата ѝ се додаваат 60.000 нови статии неделно преку, за неа, специјално подготвениот Систем за дигитално архивирање ‒ ДИГАС (Digital Archive System). Тие информации се собираат од повеќе од 300 извори што редовно се прегледуваат, вклучувајќи ги сите национални весници и магазини во Германија, како и неколку меѓународни изданија. Во моментов, ДИГАС чува повеќе од 100 милиони текстуални документи и 10 милиони илустрации.
Од архива до одделение за документација
Во Дер Шпигел сфатија дека проверката на фактите е потребна поради една грешка. Кога еден архивар посочи на сериозна грешка во статија што веќе беше објавена, Аугштајн луто одговори: „Па, во иднина, проверете порано“.
Од тој момент, проверката на фактите стана дел од редовните задолженија на вработените во архивата. Во јуни 1949 година, Шпигел на сите новинари им достави упатства што ја потцртаа нужноста сите факти да бидат проверени пред објавување. Упатството, меѓу другото, вели:
Шпигел мора да содржи повеќе лични, интимни информации и информации за заднината на приказната од дневниот печат... Сите вести, информации и факти што ги користи и ги објавува Шпигел мора да бидат точни, без исклучок. Сите вести и сите факти мора внимателно да се проверат пред да се проследат до вработените во редакцијата. Сите извори треба да бидат идентификувани. Ако постои сомневање за некоја информација, подобро е да не ја искористите отколку да ризикувате да објавите неточен извештај.
Ханс Д. Бекер (Hans D. Becker), одговорен уредник на магазинот во 1950-те години, го опишува преминот од традиционална архива во одделение за документација на следниов начин:
„Изворно, библиотеката на вести требаше да собира информации (претежно во форма на новински исечоци)“, вели Бекер. „Она што започна како собирање по принципот на фрлање рибарска мрежа, прерасна во собирање информации преку истражување. Во целиот ’хаос на боиштето‘ на редакцијата, собирањето и истражувањето на информациите што ќе се користат во известувањето незабележано се престори во експлоатација на она што беше собрано за да го потврди она што се тврдеше во статиите...“
Како Шпигел ги проверува фактите денес
Одделението „Док“, како што го нарекуваме, денес е организирано во секции, наречени „реферати“ што кореспондираат до различните дескови во редакцијата, како што се политика, економија, култура, наука, итн. Во него работат околу 70 „документациски новинари“. Се работи за специјалисти, често со докторати во своите области на специјализација, и тука има и биолози, физичари, правници, економисти, експерти за менаџмент, историчари, специјалисти за Исламот, воени експерти, и многу други.
Нивната задача е да ги проверуваат фактите и да им даваат поддршка на нашите новинари со тоа што ќе им обезбедат релевантно истражување. По уредувањето на ракописот поднесен од авторот, одобрената верзија се проследува до релевантниот „Док-Реферат“. И тогаш почнува проверката на фактите.
Шпигел дава мошне специфични и детални упатства за проверка на фактите. Тој процес обезбедува дека на сите написи ќе се применуваат исти стандарди и ни помага да бидеме сигурни дека не се пренебрегнале клучни факти или аспекти на приказната. „Док-Рефератите“ користат ист систем на обележување на ракописите, што создава ниво на конзистентност што обезбедува придржување до нашите стандарди.
Тој приод може да се примени на која било приказна, а особено е корисен во истражувачкото новинарство, кое мора да ги задоволи највисоките стандарди.
Некои од клучните елементи на упатствата се:
-
Секој факт што е планиран за објавување треба ќе биде проверен за да се утврди дали е точен сам за себе и во дадениот контекст, со користење на достапните ресурси и во зависност од времето што го имаме на располагање.
-
Секоја информација што може да се верификува ќе биде потцртана.
-
Стандардизирани знаци ќе се користат за да ги означат изјавите како точни, неточни, не можат да се верификуваат, итн.
-
Точните факти и бројки ќе бидат штиклирани. Ако се потребни корекции, тие ќе бидат наведени со црвено мастило на маргината, со користење стандардни лекторски ознаки.
-
Мора да се наведат изворите на корекциите на факти и цитатите.
-
Корекциите што ги прифатил авторот (или авторите) ќе бидат штиклирани, а другите ќе бидат означени со „n.ü.“ (не е прифатено).
-
Кога се врши проверка на факти во некој ракопис, треба да се користат други и, ако е можно, попрецизни и поточни извори од оние што ги користел авторот.
-
Една изјава ќе се смета дека е верификувана само ако е потврдена од веродостојни извори или експерти.
-
Ако некоја информација за истражувањето е спротивставена на она што го напишал авторот, авторот мора да биде известен за контрадикцијата за време на дискусијата за ракописот. Авторот мора да биде известен и ако се работи за факт што не може да биде верификуван.
-
Изворот на новинарот на кого се однесува статијата може да биде контактиран само со дозвола на авторот. (Во практиката, често зборуваме со изворите за да ги провериме фактите.)
-
Комплексните делови и пасажи ќе бидат дополнително проверени од одделот за документација специјализиран за односната тема.
-
Понекогаш времето што го имаме на располагање е ограничено, што значи дека мора да се постават приоритетите. Во таквите случаи, фактите што очигледно влегуваат во зоната на одговорност на проверувачот мора да бидат проверени први, а тоа особено се однесува на следниве прашања:
- Дали датумите и временските одредници се точни?
- Дали текстот можеби е во контрадикција сам со себе?
- Дали имињата и функциите/работните места се точно наведени?
- Дали цитатите се точни (и во смисла на зборовите што се користат и од гледна точка на контекстот)?
- Колку се актуелни и веродостојни користените извори?
Горенаведениот список ги претставува најкритичните елементи што треба да се верификуваат во една статија во ситуација кога за проверка на фактите има ограничено време. Редакциите што немаат слични оддели за документација треба да им нагласат на репортерите и на уредниците дека треба да ги проверат сите наведени аспекти на една сторија пред објавувањето.
Евалуација на приказните
Проверката на фактите почнува со споредба на нацртот на сторијата со материјалите од истражувањето што ги обезбедил авторот. Проверувачот на факти тогаш преминува на верификација на фактите и тврдењата преку собирање дополнителни извори што се независни едни од други. Кај клучните пасажи, проверувачот консултира широк дијапазон извори за да го истражи она што е општоприфатено како вистина и да ги истражи посубјективните или пристрасните ставови и гледишта. Тие определуваат што е факт, а што е контроверзно или, во некои случаи, што е мит.
Ние ја користиме нашата база на податоци ДИГАС за да ги консултираме релевантните и авторитетни извори. Сите проверувачи на факти во Шпигел се одговорни секојдневно да ги прегледуваат релевантните научни трудови, стручни списанија, блогови, итн. во својата област на експертиза. Така ќе се обезбеди да бидат запознаени со најновите сознанија за релевантните теми, како и со веродостојноста на различните извори.
Тој вид експертиза во еден домен е клучна при проценувањето на веродостојноста на изворите. Сепак, постојат и неколку општи упатства што можат да се следат при оценувањето на изворите:
-
Дајте им предност на изворните документи. Ако цитирате академска студија, пронајдете го оригиналниот интегрален текст на студијата. Ако наведувате податоци за заработката на компаниите, обезбедете ги нивните финансиски извештаи. Не потпирајте се на сумирани новински извештаи или соопштенија за печат ако можете да ги добиете оригиналните документи.
-
Дадете им предност на изворите што прават разлика помеѓу фактите и мислењата и изворите на кои им е работа да обезбедуваат факти.
-
Дајте им предност на изворите што јасно ги наведуваат изворите на нивните информации, затоа што тоа ќе ви овозможи да ја верификувате нивната работа. (На медиумите и на другите субјекти што премногу се потпираат на анонимни извори треба да им се приоѓа внимателно.)
-
Чувајте се од извори што прават фактички грешки за основните факти, или оние што ги мешаат основните концепти на една тема.
Примери на проверени ракописи
Во Шпигел, откако статијата е проверена, документаристот и авторот разговараат за можните корекции сè додека не се договорат за конечната верзија. Авторот ги внесува корекциите во ракописот. Проверувачот на факти ги проверува корекциите по вторпат, како и сите промени на текстот што можеби биле направени во меѓувреме.
Точноста е основен предуслов за квалитетно новинарство и објективно известување. Новинарите прават грешки, намерно или не. Грешките му штетат на највредното нешто во новинарството: кредибилитетот. Впрочем, тоа е особината на која новинарите најчесто се повикуваат за да го истакнат своето новинарство.
Еден метод за намалување на можноста за настанување грешки е верификацијата, т.е. проверувањето на фактите пред објавувањето.
Една студија од 2008 година, изработена на Универзитетот во Хамбург, ги изброи сите корекции што ги направи одделот за документација во еден единствен број на Дер Шпигел. Конечната бројка беше 1.153. Дури и ако ги исклучиме корекциите што се однесуваат на стилски и правописни грешки, сепак се работеше за 449 грешки и 400 непрецизни пасажи, при што 85 од нив се сметаа за релевантни или мошне релевантни.