Logo Cover

Студија на случај 3: Снаоѓањето во многубројните јазици (и правописи) при пребарувањето компании на Блискиот Исток

Хамуд Алмахмуд (Hamoud Almahmoud) е постар истражувач и обучувач во Дескот за истражување и податоци за Блискиот Исток и за Северна Африка (МЕНА, англиска кратенка за регионот Middle East and North Africa), на организацијата Арапски репортери за истражувачко новинарство (MENA Research & Data Desk, Arab Reporters for Investigative Journalism ‒ ARIJ). Тој, исто така, е регионален истражувач на Проектот за известување за организираниот криминал и корупцијата ОЦЦРП (Organized Crime and Corruption Reporting Project). Работел како истражувачки новинар во печатени медиуми и на телевизија, а веќе неколку години работи како главен уредник на бизнис-магазинот „Аликтисади“ (Aliqtisadi) и на неговото онлајн издание. На „Твитер“ ќе го пронајдете како @HamoudAlmahmoud.

Барањето имиња на компании или лица на Блискиот Исток ве става пред неколку посебни предизвици. Да почнеме со еден реален пример на кој работев неодамна:

Добив барање од еден европски новинар што работи на истражување за компанијата „Јосонс“ (Josons) што победила на тендер за набавка на оружје во Источна Европа.

Компанијата е регистрирана во Либан. Новинарот се обидел да побара информации во либанските деловни регистри достапни на интернет, но без успех.

Веднаш почнав да размислувам за тоа како името на компанијата би се пишувало на арапски јазик, а особено на либанскиот дијалект на арапскиот јазик. Се разбира, однапред знаев дека името на компанијата мора да биде спомнато на англиски јазик во либанските регистри на компании достапни на интернет. Сепак, пребарувачот на либанскиот трговски регистар ги прикажува само резултатите на арапски јазик. Тоа е причината за неуспехот на пребарувањето на колегата новинар.

На пример, пребарувањето со клучен збор „Josons“ во официјалниот Трговски регистар го дава следниов резултат:

Како што можете да видите, има (0) резултати, но тоа не значи дека треба да кренеме раце и да се откажеме. Првиот чекор е да утврдиме како „Јосонс“ се пишува со арапско писмо. Можни се повеќе различни начини на пишување. За почеток, направив пребарување на „Гугл“ со клучниот збор „Либан“, напишан на арапски, заедно со името на компанијата на англиски: josons لبنان. Првата страница со резултати покажува дека арапското име на компанијата е جوسانز како во овој официјален именик:

Тоа го потврдив со пребарување на либанскиот деловен именик на интернет.

Го утврдивме името на компанијата на арапски јазик. Пребарувањето на трговскиот регистар со името جوسانز како клучен збор покажа дека компанијата е регистрирана двапати ‒ во земјата и офшор.

Култура на пишување

Тоа беше еден пример како се справуваме со јазичните предизвици кога собираме информации за компаниите од Блискиот Исток и од Северна Африка. Тоа често бара користење арапски јазик, со сите негови различни дијалекти и начини на пишување, како и француски, англиски и курдски јазик.

Првиот чекор е да утврдиме на кој јазик ќе ги бараме потребните информации, па потоа да утврдиме како се пишува бараниот термин со арапско писмо. Она што треба да го имате на ум е дека изговорот на еден збор може да се разликува од една арапска земја до друга.

На пример, за да побараме некоја холдинг-компанија, корисно е да знаеме како да го напишеме зборот „група“ (group) во арапската база на деловни регистри. Постојат три различни начини на пишување на тој збор, во зависност од тоа како се транслитерира англискиот збор „group“ на арапски. (Во арапското писмо нема знак за означување на звукот „п“.)

  1. Во јорданскиот деловен регистар, на пример, зборот е напишан на следниов начин: جروب


  1. Во Либан, се пишува: غروب

  1. Третиот начин на пишување е прикажан во тунискиот регистар на трговски друштва: قروب

Исто така, имајте на ум дека дури и во еден ист регистар ќе треба да пребарате со користење повеќе различни начини на пишување на истиот збор. На пример, зборот „global“ (глобално) може да се напише како غلوبال или како غلوبل. Двата начини на пишување се користат во деловниот регистар на Бахреин:


Претходните примери покажуваат како разбирањето на различните култури, јазици и други фактори можат да имаат улога во тоа колку успешно можете да ги користите јавните податоци и информации во текот на истражувањето.


Published on: 1 September 2016
Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial-NoDerivatives 4.0 International License.