Logo Cover

Глава 1: Можност за користење информации од отворени извори и кориснички содржини во истражувачката работа

Крег Силверман (Craig Silverman) е основач на Emergent, интернет-страница за следење и разоткривање гласини во реално време. Работел како соработник на центарот за дигитално новинарство Тоу при Универзитетот Колумбија, и бил водечки експерт за медиумски грешки, точност во известувањето и верификација. Крег, исто така, е основач и уредник на „Ригрет д ерор“ (Regret the Error-Жалиме за грешката), блог за точноста на медиумското известување и верификацијата што денес е дел од институтот „Поинтер“ (Poynter Institute). Тој е уредник на Прирачникот за верификација, работел како директор за содржини во „Спанџ“ (Spundge), и помогнал во воспоставувањето на OpenFile (ОтворенДокумент), онлајн стартап со локални вести што нуди известување фокусирано на локалните заедници во шест градови во Канада. Крег, исто така, е поранешен одговорен уредник на програмата MediaShift на јавниот радиодифузен сервис на Канада (PBS) и бил колумнист во дневните весници „Глоуб енд Меил“ (Globe and Mail), „Торонто Стар“ (Toronto Star), и „Колумбија Журнализaм Ривју“ (Columbia Journalism Review). Твита на @craigsilverman

Рина Цубаки (Rina Tsubaki) ги води иницијативите „Прирачник за верификација“ и „Известување во кризни ситуации (Emergency Journalism)“ во рамките на Европскиот центар за новинарство (European Journalism Centre) во Холандија. Иницијативата „Известување во кризни ситуации“ на едно место собира ресурси за медиумските професионалци што известуваат од, и за нестабилни состојби во дигиталната доба, а Цубаки често настапува како говорник на тие теми на различни настани, вклучувајќи и една средба организирана од ОН, како и настап на Меѓународниот фестивал на новинарство. Претходно, таа водеше неколку проекти фокусирани на улогата на граѓаните во изменетиот медиумски пејзаж, а во 2011 година ја предводеше групата автори на извештајот на „Интерњус Европа“ (Internews Еurope) за улогата на комуникациите за време на земјотресот во Јапонија во март 2011 година. Таа, исто така, била соработник на „Хокаидо Шимбун“ (Hokkaido Shimbun), регионален дневен весник во Јапонија. Твита на @wildflyingpanda.

Со околу 18.000 следбеници, корисничкиот налог @ShamiWitness на „Твитер“ е основен извор на пропаганда во полза на Исламската Држава. Во својата истрага за налогот, британскиот радиодифузер „Ченел 4“ (Channel 4) известува дека твитовите на ShamiWitness биле прегледани два милиони пати месечно, што значи дека тоа е веројатно највлијателниот твитер-налог на Исламската Држава. „Ченел 4“ исто така извести дека две третини од странските борци на Исламската Држава што користат „Твитер“ го следат налогот.

„Ченел 4“ си постави задача да истражи кој стои зад налогот. Сè што имаше на располагање на почетокот беше налогот и твитовите објавени на него ‒ лицето што стои зад ShamiWitness никогаш не споделува лични информации или нешто што би можело да укаже каде се лоцирани.

Сајмон Израел, дописникот на „Ченел 4“ што ја предводеше истрагата, вели во извештајот дека не постојат познати и потврдени фотографии од ShamiWitness.

„Сепак, има моменти – а такви моменти има секогаш – кога скриеното излегува на површина“, вели Израел.

Израел вели дека една анализа на налогот ShamiWitness покажала дека тој претходно користел друго име на „Твитер“: @ElSaltador. Во еден момент, сопственикот на налогот го променил во @ShamiWitness.

Истражувачите на „Ченел 4“ го искористија поранешното корисничко име на „Твитер“ и ги пребараа другите социјални мрежи за да проверат дали некој друг го користи истиот прекар. Пребарувањето ги одведе до еден кориснички налог на „Гугл плус“, а потоа и до една страница на „Фејсбук“. Таму пронајдоа фотографии и други податоци за човек од Бангалор што работи како маркетинг директор во една индиска компанија. Наскоро потоа, разговараа по телефон со него: тој потврди дека тој стои зад налогот ShamiWitness.

Резултатот беше истражувачката приказна емитувана во декември 2014 година. По објавувањето на извештајот, лицето зад тој кориснички налог на „Твитер“ престана да твита.

„Ченел 4“ искористи јавно достапни податоци и информации за да произведе новинарски труд што успеа да затвори еден клучен извор на пропаганда и средство за регрутирање на Исламската Држава.

Новинарите, активистите за човекови права и други лица постојано користат отворени податоци, кориснички содржини и други информации од отворени извори во производството на извонредно значајни истражувања во сите области, од конфликтни зони до случаи на злоупотреби на човековите права и меѓународна корупција.

„Информациите од отворени извори, тоа се информации слободно достапни за сите преку интернет ‒ на пример, преку ’Јутјуб‘, ’Гугл мапс‘, ’Редит‘ ‒ овозможија СЕКОЈ да може да собира информации и да врши проверки за другите преку мрежите на социјалните медиуми“, напиша Елиот Хигинс на страницата на „Кикстартер“ (Kickstarter) за неговата кампања за собирање средства за интернет-страницата за истражувања преку отворени извори – „Белингкет“ (Bellingcat). „Помислете на граѓанската војна во Сирија. Помислете на Арапската пролет.“

Изобилството информации од отворени извори достапни на интернет и во базите на податоци значи дека денес секое можно истражување треба да вклучи и пребарување, собирање и верификација на информации од отворени извори. Тоа стана неодвоиво од работата на култивирање на изворите, обезбедување доверливи информации и другите истражувачки тактики што се базираат врз скриени или помалку познати информации. Новинарите и други лица што ја развиваат и ја одржуваат способноста за правилно пребарување, откривање, анализа и верификација на таквите материјали ќе обезбедат подобри и посеопфатни истражувања.

Хигинс, кој исто така го користи и псевдонимот „Браун Мозис“ (Brown Moses), е жив доказ за моќта на информациите од отворени извори комбинирани со посветеноста и добрите практики за верификација. Тој стана меѓународно признат стручњак за сирискиот конфликт и за соборувањето на летот МХ17 во Украина, спомнуваме само два од многуте примери. Неговата интернет-страница, „Белингкет“, е местото каде што тој и други лица денес ги користат материјалите со отворен извор за работа на уникатни и веродостојни истражувања.

Во февруари 2015 година, луѓето од „Белингкет“ почнаа со спроведување проект за следење на возилата што се користат во конфликтот во Украина. Објавија повик до граѓаните и до јавноста да достават фотографии или снимки на воените возила забележани во зоните на судири и да помогнат во анализата на фотографиите и снимките откриени на социјалните мрежи и на другите извори. Само во првата недела од почетокот на проектот беа додадени 71 нов внес во базата на податоци за возилата, речиси [дуплирајќи ги дотогаш собраните информации] (https://www.bellingcat.com/resources/2015/02/12/ukraine-conflict-vehicle-first-week/). Меѓу нив имаше фотографии, видеоснимки и други докази собрани преку јавно достапни извори, и тие ја раскажаа приказната за конфликтот на начин што никој претходно го немаше направено.

Сето тоа беше можно благодарејќи на информациите од отворени извори и од корисничките содржини. Како што ќе видиме во повеќе детали во поглавјата и студиите на случаи од овој Прирачник, истите материјали ги користат истражувачки новинари во Африка и групи како што се „Амнести интернешнл“ и WITNESS за разоткривање измами, документирање воени злосторства и за да им помогнат на неправедно обвинетите да се одбранат на суд.

Овој Прирачник, што се надополнува на оригиналниот Прирачник за верификација, нуди детални упатства и илустративни студии на случаи наменети како помош за новинарите, активистите за човекови права и други во верификацијата и во користењето информации од отворени извори и од кориснички содржини во работата на истражувачки проекти.

Со огромниот број информации што кружат и што се достапни на социјалните мрежи, во јавните бази на податоци и преку други отворени извори, клучно е новинарите и другите да ги поседуваат вештините и знаењето потребни за пребарување, истражување и верификација на тие информации за да ги искористат на точен и етички начин.

Овој Прирачник ги нуди основите на пребарувањето на интернет и техниките на истражување; детали за техниките за истражување со кориснички содржини; најдобрите практики за оценување и верификација на отворените податоци; советите за текот на работата во проверката на факти за истражувачките проекти; и ги оцртува етичките приоди за вклучување кориснички содржини во истражувањата.

Изворниот Прирачник за верификација е фокусиран на основите на верификацијата и нуди детално разработени, чекор по чекор, упатства за начинот на верификација на кориснички содржини во покривањето на ударните вести. Овој Прирачник оди подлабоко во техниките на пребарување, истражување, проверка на фактите и дата-новинарството, како и алатките што можат да помогнат во спроведувањето истражувачки проекти. Во сржта на сите поглавја е фокусот на идејата да ви овозможиме од јавно достапните извори да ги извадите веродостојните информации на светлината на денот, а во исто време да ви понудиме корисни совети и техники што ќе ви овозможат да го проверите и да го верификувате тоа што сте го пронашле.

Како и кај верификацијата на корисничките содржини во ситуации на настанување ударни вести, некои од основите на верификацијата се применуваат и во контекст на истражувачкото новинарство. Некои од тие основи разгледани во повеќе детали во оригиналниот Прирачник се:

  • Развивајте човечки извори.
  • Контактирајте со луѓето и зборувајте со нив.
  • Бидете скептични ако нешто изгледа или звучи премногу добро за да биде вистинито.
  • Консултирајте повеќе веродостојни извори.
  • Запознајте се со методите и со новите алатки за пребарување и истражување.
  • Одржувајте комуникација и соработувајте со професионалци во други области – верификацијата е тимски спорт.

Новинарот Стив Батри (Steve Buttry), автор на поглавјето „Основи на верификацијата“ (Verification Fundamentals) во оригиналниот Прирачник пишува дека верификацијата се состои од три елементи:

  • Способноста и снаодливоста на лицето, неговата упорност, скептицизам и вештини;
  • Познавањата на изворите, нивната веродостојност и чесност, како и бројот, разновидноста и веродостојноста на изворите што можете да ги пронајдете и да ги убедите да зборуваат;
  • Документација.

Овој Прирачник особено е фокусиран на третиот елемент: документацијата. Било да се работи за поефективно користење пребарувачки машини за собирање документација, разгледување видео на „Јутјуб“ во потрага по клучни докази, или за процена на податоците собрани од некој субјект или база на податоци, од клучно значење е истражувачите да ги поседуваат потребните вештини за добивање и верификација на документацијата.

Како што сме свесни дека човечкото помнење не е совршено и дека изворите можат да излажат, мора да бидеме свесни дека документите и податоците не се секогаш такви како што изгледаат. Овој Прирачник нуди основни упатства и студии на случаи за да им помогне на сите што користат информации од отворени извори и кориснички содржини во истражувањата – и да ги верифицираат тие информации за да можат да послужат како поддршка на истражувањето и да помогнат во постигнувањето на целта да се расветлат скриените вистини.


Published on: 1 September 2016
Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial-NoDerivatives 4.0 International License.