Logo Cover

Глава 8: Примена на етичките принципи во истрагите во дигиталната ера

Фергас Бел (Fergus Bell) е шеф за партнерства и иновации во редакциите во САМ (SAM), платформа за пребарување, чување и раскажување на социјалните медиуми наменета за индустрија на вести. Во САМ дојде од „Асошиејтед прес“ (АП) каде што, како уредник за меѓународни социјални медиуми и кориснички содржини, ја предводеше глобалната операција за откривање на изворите и верификација на корисничките содржини за платформите на АП. Во 2013 година, Бел стана соосновач на комисија во рамките на Асоцијацијата на онлајн вести (Online News Association) што ги собра на едно место лидерите на новинарската заедница за да разговараат за етиката и стандардите на корисничките содржини и за дигиталното собирање информации и вести. Бел дипломира на Универзитетот во Лидс и претходно работел во Ај-Ти-Ен (ITN), Си-Ен-Ен (CNN), и во повеќе радиостаници во цела Велика Британија.

Корисничките содржини добиваат сè позначајна улога во дневното известување, при што публиката избира да ги сподели своите приказни и искуства преку содржини што самата ги изработува. Нашиот третман на луѓето што ги споделуваат таквите неодоливи содржини имаат директно влијание врз начинот на кој ние, и други организации, ќе соработуваат со нив во иднина.

Од големо значење е да дефинираме кои етички стандарди ќе функционираат за вас и за вашата публика, и кои и какви дејства ќе ви овозможат да воспоставите и да ги одржувате односите со нив. Ако сакаме нашиот приод да биде одржлив, тој приод мора да биде етички.

Индивидуални лица придонесуваат за покривањето и известувањето за настаните на два типични начини. Кај првиот начин, новинарите можат да ги поканат или да ги охрабрат луѓето да учествуваат во програмирањето и во известувањето. Тој тип соработник најчесто ќе биде лојален, ќе создава содржини во согласност со стилот на организацијата, и ќе биде совесен во поднесувањето содржини.

Вториот тип се оние што можеме да ги наречеме „случаен новинар“. Може да се работи за сведок на некој настан, или некој што споделува детали или информации што ќе ви помогнат во истражувањето, дури и ако тоа лице не го прави тоа со замисла да им помага на новинарите. Овој тип соработник често воопшто нема идеја или не е свесен дека тоа што го нуди, или не сакајќи веќе го понудил, може да има некаква вредност или да биде интересно за новинарите. Тоа особено е вистина во контекстот на истражувачкото новинарство.

Оваа глава расветлува неколку клучни прашања и приоди во примената на етиката и стандардите во собирањето вести од социјалните медиуми и во работата со кориснички содржини.

Влегување во приватни заедници

Приватните, затворени заедници можат да бидат крајно корисни во откривањето идеи за истражувања. Неколку очигледни примери за приватни, затворени заедници се блоговите, групите „sub-Reddit“ и групите на „Фејсбук“. Помалку очигледна приватна заедница може да биде кога едно лице ја користи страницата на „Јутјуб“ за да споделува видеа со пријателите и со семејството. Се работи за јавен кориснички налог, но корисникот претпоставува дека поседува одредено ниво приватност затоа што материјалите ги споделува со одредени луѓе. Поентата е да размислите за тоа како на своите активности гледа креаторот на содржината, а не како вие гледате на нив. Тоа ќе ви помогне да го примените најчувствителниот и најетички приод.

Главното прашање веројатно е како да се идентификувате пред таа заедница и внатре во неа. Внатре во организацијата во која работите, треба да разгледате две прашања што се однесуваат на тоа колку треба да бидете транспарентни.

  1. Во кои случаи анонимноста се смета за прифатлива? ‒ Корисниците на платформи како што се „Редит“ (Reddit) и „Ченел 4“ (4Chan) најчесто се анонимни, и таму може да биде прифатливо да влезете во интеракција без најпрво да се претставите како новинар. Сепак, ако правите нешто што го надминува следењето на конверзацијата, веројатно ќе дојде таков момент кога е соодветно да се претставите себеси и својата професија. „Редит“ неодамна објави упатства како да ѝ се пристапи на некоја заедница во работата на некоја приказна. Консултирајте ги упатствата кога сакате да ја користите таа платформа.

  2. Во кои случаи анонимноста не е прифатлива опција? ‒ Мрежите како „Фејсбук“ и „Твитер“ често се покорисни кај ударните вести поради поголемата веројатност дека луѓето ќе користат вистински имиња и идентитети. Во таква средина, анонимноста на новинарите е помалку прифатлива како опција. Повторно, ако само набљудувате и не влегувате во директен контакт со индивидуални лица, најчесто е најдобро ако бидете отворени и искрени за тоа кои сте и што работите.

Секако, секогаш ќе има исклучоци од правилата. Тоа е така и кај носењето одлука кога ќе биде прифатливо новинарите да спроведуваат тајна истрага во реалниот свет. Секогаш е најдобро да ја осмислите вашата политика по тоа прашање пред да ви биде потребна. Така ќе можете да дејствувате сигурни дека добро сте размислиле за вашиот приод.

Обезбедување дозвола

Барањето дозвола за употреба на содржини од креаторите на кориснички содржини помага да се воспостави и да се одржи репутацијата на вашата организација како организација што нуди фер третман. Обезбедувањето дозвола ќе ви помогне да се осигурите дека користите содржини од оригиналниот извор. На долг рок, тоа може да ве спаси од правни главоболки. Сите водечки социјални платформи нудат едноставни методи за брза и директна комуникација со корисниците.

Комуникацијата со индивидуални лица, се разбира, е значаен дел од секој процес на верификација. Значи дека чинот на барање дозвола отвора потенцијален извор на дополнителни информации или дури и содржини што инаку не би ги имале.

Плаќањето за содржините е одвоено прашање и е нешто што вашата организација треба да го одлучи сама. Сепак, јасно е дека обезбедувањето дозвола и именувањето на заслужните е новата валута при користењето кориснички содржини. Клер Вордл пишува на таа тема во следното поглавје.

Менаџирање на соработниците и нивната безбедност

Доделување задачи/барање од публиката да придонесе

Ако собирате содржини од вашата публика преку барања или доделување задачи, треба да имате предвид неколку етички прашања. На самиот врв на вашиот список е одговорноста да се грижите за нивната безбедност. Постојат неколку прашања што треба да ги разгледате при дефинирањето на стандардите во таа област:

  • Дали извршувањето на задачата ќе доведе некого во опасност?
  • Дали индивидуално лице може да се најде во близина на настан што претставува опасност или до луѓе што можат да му нанесат повреди или друго зло?
  • Каква одговорност имате кон лицето повредено додека ја извршувало задачата што сте ја поставиле?
  • Како ќе го идентификувате таквото лице во вашето издание или емисија?
  • Какво е влијанието што задачата го има врз чесноста/автентичноста на произведените содржини споредено со содржините што се произведени без надворешно барање или влијание?

Случајно откриени содржини

Прашањата наведени погоре се однесуваат и на оние лица чии придонеси сте ги откриле самите, без да побарате од нив да ви ги пратат. Сепак, кај случајните новинари постојат неколку дополнителни прашања што вашата организација треба да ги одговори. Одговорите на тие прашања ќе помогнат да ја воспоставите внатрешната политика за комуникација со таквите лица и за користење на нивните содржини:

  • Дали лицето разбира како може врз него да влијае фактот што ги споделува содржините со медиумите?
  • Дали мислите дека сопственикот, или оној што ја поставил содржината, знае дека неговата содржина може да биде откриена од организација како што е вашата? Дали сметате дека содржината била наменета само за нивната лична мрежа на пријатели и блиски роднини?
  • Кога се работи за нешто што има вредност како вест, како можете да побарате дозвола или да ги контактирате без да ги изложите на вниманието на целата индустрија?
  • Кој е најдобриот и најчувствителен начин на комуникација со лица што поседуваат нешто што има вредност како вест, но можеби се во ситуација што им предизвикувала немир или загуба?
  • Дали објавувањето на нивните содржини ја идентификува нивната локација или некаква друга лична информација што може да влијае врз нив или да придонесе да бидат повредени на некој начин?

Исцртување етички курс за иднината

Асоцијацијата за онлајн вести (Online News Association) има неколку иницијативи што треба да дадат одговор на повеќето од прашањата што ги поставивме во ова поглавје. Целта е да се креираат ресурси што ќе им помогнат на сите видови новински организации да мапираат етички курс за иднината.

Проектот на Асоцијацијата за етички кодекс по принципот „направи сам“ им овозможува на редакциите да осмислат еден персонализиран етички кодекс. Работната група за кориснички содржини на Асоцијацијата беше воспоставен за да ги собере на едно место предводниците од целата новинарска заедница за отворено да расправаат за предизвиците и можните решенија за етичките прашања што се јавуваат со растечкото собирање вести од социјалните медиуми и користење кориснички содржини.

Работната група е фокусирана на три специфични области:

  • Дали е можен договор за етичка повелба за корисничките содржини на ниво на цела индустрија?
  • Дали можеме да соработуваме со публиката за да ги разбереме нивните потреби, фрустрации и стравови?
  • Како да обезбедиме натамошна заштита за нашите новинари што работат со кориснички содржини?

Заинтересираните што сакаат да се вклучат во работата на работната група можат да ѝ се придружат на нашата заедница на „Гугл плус“.


Published on: 1 September 2016
Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial-NoDerivatives 4.0 International License.