Logo Cover

Студија на случај 2: Пронаоѓање на изворот на клучен доказ за нападот во Отава (#OttawaShooting)

Мајка Кларк (Micah Clark) е менаџер на мисии во „Секдев“ (SecDev), приватна агенција за отворени разузнавачки податоци и провајдер на услуги на сајбер-безбедност. Во тоа својство, Мајка ги предводеше напорите на „Секдев“ да ги разберат, да ги ориентираат и да ги анализираат настаните што се случија во Отава на 22 октомври 2014 година. Вообичаено, во својата секојдневна работа, Мајка управува со тим од аналитичари, стручњаци за развој и визуелизација на податоци, која изработува аналитички производи што ги испорачува до владините и до корпоративните клиенти во Канада, САД и во Велика Британија.

Старата руска народна поговорка вели: „Стравот има големи очи. Стравот го гледа и она што не е тука“.

Ова е приказна за големите очи на стравот и за нештата што не беа таму.

Некаде околу 9 часот и 50 минути наутро, на 22 октомври 2014 година, Мајкл Зехаф-Бибо (Michael Zehaf-Bibeau) пукаше и го уби војникот што чуваше стража пред Воениот меморијален центар на Канада во Отава. Во сцена како извадена од холивудски трилер, Зехаф-Бибо потоа влета во зградата на Парламентот на Канада, каде што на крај беше застрелан и убиен.

Два дена претходно, еден канадски војник беше убиен, намерно удрен со автомобил управуван од човек што веќе го привлекол вниманието на безбедносните агенции на Канада. Престрелката што следуваше на Парламент Хил ги вознемири Канаѓаните. Дали се работеше за терористички напад? Каква беше мотивацијата на напаѓачот? Дали зад нападот стои ИСИЛ?

Шпекулациите кулминираа кога на еден кориснички налог на „Твитер“, што тврди дека е поврзан со ИСИЛ, беше поставена фотографија на напаѓачот, снимена за време на нападот. Други корисници на „Твитер“, а потоа и канадските новинари и јавноста, набрзина ја искористија фотографијата, како и налогот на ИСИЛ на кој беше поставена за да извлечат целосно имагинарна врска помеѓу напаѓачот и ИСИЛ.

Сите шпекулации се засноваа врз, во основа, неточно наведување на изворот. Приказната за вистинското потекло на фотографијата претставува извонреден пример и илустрација за новата „нормална ситуација“ во модерното новинарство.

Фотографијата изворно беше поставена од страна на непознат корисник, како одговор на твитот на полицијата на Отава што бараше од граѓаните какви било информации за напаѓачот. Тоа се случи малку пред 14.00 часот, кога новинарот Вилијам Рејмонд (William Reymond) од Монтреал ја откри фотографијата и направи слика на екранот (Рејмонд опширно известуваше за своето откритие, не понуди линк до твитот на полицијата на Отава. Времето на објавување и содржината што ја опишува Рејмонд сугерираат дека се работи за овој твит). Фотографијата и корисничкиот налог на кој беше поставена беа избришани веднаш потоа.

Со таа исклучителна фотографија в раце, Рејмонд потроши цели два часа на верификација на нејзината автентичност, за што треба да му се оддаде признание, пред да ја објави на својата страница на „Твитер“, @Breaking3zero во 16 часот и 16 минути.

Во процесот на верификација, опишан детално подолу, Рејмонд се послужил со споредба на физиономијата, облеката и оружјето на човекот на фотографијата со достапните снимки од безбедносните камери, како и со споредба со деталите за нападот што во јавност ги изнесоа сведоците и службените лица.

Освен пушката, други два клучни докази беа фактот дека човекот на фотографијата носи „кефија“ (keffieh, традиционална арапска марама), што беше спомнато од еден очевидец на нападот, како и фактот дека носел чадор. Според достапните изјави на очевидците, напаѓачот користел чадор за да го скрие оружјето додека се приближувал кон Воениот меморијален споменик.

Рејмонд го твиташе следново:

Или, во превод, „По два часа верификација, еден извор ми потврди дека ’тоа лице изгледа како напаѓачот‘. Внимавајте што ќе правите натаму“.

Дури по твитот на Рејмонг, околу 16 часот и 45 минути попладне, фотографијата беше поставена на корисничката страница „Islamic Media“ (@V_IMS), поврзана со ИСИЛ. Во меѓувреме, и таа корисничка страница беше суспендирана и избришана.

„Само 20 минути откако ја објавив фотографијата, таа беше преземена и објавена на еден ’фид‘ на ’Твитер‘, на француски јазик, што ја поддржува Исламската Држава“, напиша Рејмонд. „Ете, се случува некои медиуми да почнат да шират погрешна претстава дека изворот на фотографијата е ИСИЛ.“

Само неколку минути подоцна, друг кориснички налог на „Твитер“, @ArmedResearch, ја постави фотографијата, проследена со текстот „налогот #ISIS Media постави фотографија на која, како што тврдат, е прикажан Мајкл Зехаф-Бибо, убиениот осомничен напаѓач од #OttawaShooting. #Canada“.

И покрај тоа што не понудија никакви податоци како потврда на тоа тврдење и не го наведоа @Breaking3zero како извор, канадските новинари го прифатија тврдењето на @ArmedResearch, и известија дека фотографијата е „твитана од налог на ИСИЛ“, со сите импликации што го следат таквото тврдење.

Но, како што вели старата поговорка, фактите се тврдоглави и упорни. Техничките податоци за страната @V_IMS на „Твитер“, снимени пред да биде суспендиран тој налог, покажуваат дека @V_IMS ја презел фотографијата од @Breaking3zero. Текстот означен со сива боја на следната илустрација ја наведува интернет-адресата на изворот, односно twitter.com/Breaking3zero:

Категорично можеме да кажеме дека тврдењето оти фотографијата на Зехаф-Бибо прво се појавила на налогот на ИСИЛ е лажно. Налогот на ИСИЛ ја објави фотографијата неколку часа по нејзиното оригинално објавување на „Твитер“.

Независниот мониторинг на активностите на ИСИЛ на социјалните медиуми што го спроведува „Секдев“ покажува дека познати налози на ИСИЛ реагираа на настаните во Отава на, помалку или повеќе, ист начин на кој реагираа жителите на Отава и другите лице ‒ поставувајќи контрадикторни и често неточни информации за нападот. Ништо што беше објавено на социјалните медиуми не укажува дека ИСИЛ претходно бил информиран за нападот, или дека на кој било начин е директно поврзан со Зехаф-Бибо.

Вистината е дека до денешен ден нема докази што би укажале на инволвираноста на ИСИЛ во октомврискиот напад во Отава. Она што постои е една извонредна фотографија, снимена во неверојатен момент, што служи како сведоштво за моќта на мобилната технологија и социјалните медиуми да ги менуваат правилата на играта во известувањето.

Искушението да ги поврземе живите фотографии како оваа со нашите најголеми стравови е огромно. Избегнувањето на тоа искушение е една од основните задачи и обврски на новинарите во XXI век.


Published on: 1 September 2016
Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial-NoDerivatives 4.0 International License.