Logo Cover

Глава 7: Користење кориснички содржини во истражувањата поврзани со човековите права и воените злосторства

Кристоф Кетл (Christoph Koettl) е советник за технологија и човекови права во „Амнести интернешнл“ (Amnesty International). Тој е основач и уредник на Лабораторијата за граѓански докази (Citizen Evidence Lab), првиот ресурс за автентикација на социјалните медиуми наменет за истражувачи во областа на човековите права. Твита на @ckoettl. Ставовите изразени во ова поглавје се на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на „Амнести интернешнл“.

На почетокот на летото 2014 година, во „Амнести интернешнл“ пристигна видеоснимка на која беа прикажани нигериски војници како им ги сечат гркланите на осомничени поддржувачи на терористичката група „Боко харам“ (Boko Haram) и потоа телата ги фрлаат во масовна гробница. Видеото, што се прошири во целиот регион и се појави и на „Јутјуб“, укажуваше дека нигериски војници извршиле воено злосторство. Сепак, за да стигнеме до тој заклучок, спроведовме обемна истрага што вклучуваше анализа на видеоматеријали и теренско истражување. „Амнести интернешнл“ ги објави наодите од истрагата за инцидентот.

Тој инцидент е извонреден пример за начините на кои корисничките содржини можат да придонесат за длабинските истражувања. Тој го илустрира значењето на „копањето“ подлабоко и одењето подалеку од основните факти собрани со стандардна верификација на кориснички содржини. Тоа особено е значајно кај истражувањата на човековите права. Корисничките содржини не само што помагаат во дефинирањето на локацијата и времето во кои се случило кршењето на правата; тие можат да помогнат во идентификувањето на одговорните лица или единици (докази за поврзаноста), што може да помогне во утврдувањето на командната одговорност, или да обезбедат клучни докази од самото место што потврдуваат дека е извршено некое злосторство.

Иако истрагите и новинарското истражување за човековите права и воените злосторства се разликуваат, постои и огромна зона на преклопување, и во смисла на алатките за верификација што се користат и во смисла на ползата од потпирањето на кориснички содржини. Всушност, британскиот медиум „Канал 4“ (Channel 4) спроведе истрага за конфликтот во Североисточна Нигерија, што во најголема мера се засноваше врз гореспоменатото корисничко видео.

Начела на истрагите за кршења на човековите права

Иако голем број кориснички содржини можат да имаат огромна информативна вредност, групите за човекови права, се разбира, првенствено се заинтересирани за нивната вредност како доказен материјал. Во истрагите за кршењата на човековите права, ги споредуваме сите факти собрани со инструментите што ни ги нудат нормите и законите за човековите права (правото во областа на човековите права, хуманитарното право, регулативата за правата на бегалците и кривичното право) за да донесеме судови за настанатите кршења или злоупотреби на правата. Како последица, секој аналитичар што, како мене, работи со кориснички содржини, мора да биде дел од еден поширок тим што се состои од стручњаци за соодветната земја, политиколози и правници.

Нашата крајна цел е да постигнеме позитивно влијание за човековите права. На пример, кога нашиот труд придонесува за воспоставување меѓународна истрага или ќе доведе до осуда на осомничениот сторител на кршењата на човековите права. Денес, најдобрите резултати ги постигнуваме кога комбинираме повеќе различни докази, како што се лични сведоштва, официјални документи, сателитски фотографии и кориснички содржини.

Тоа бара блиска соработка од истражувачите што поседуваат експертиза за земјата во која се истражува, доверливи контакти на теренот и високоспецијализирани аналитичари што не се фокусирани на специфичен регион или држава, туку можат да обезбедат анализа на сателитските снимки или анализа на корисничките содржини.

Може да се случи некој доказ да одрекува некоја информација собрана во текот на истрагата, на пример, ако сателитските снимки не ги поддржуваат тврдењата на очевидци дека постои масовна гробница. Во таквите случаи сме многу внимателни и се воздржуваме од давање изјави за фактичката состојба или за настанати кршења на правата.

Таквата соработка помеѓу повеќемина стручњаци на различни полиња станува порелевантна кога ги надградуваме истрагите на воени злосторства што можат да се засноваат врз еден единствен инцидент снимен со камера. На пример, злосторствата против човештвото по природа се систематски и широко распространети, како дел од политиките на некоја држава или организација. Истражувањето што се потпира само на кориснички содржини тешко дека ќе може да доведе до таква комплексна (правна) детерминација. Корисничките содржини вообичаено обезбедуваат само еден поглед на дадениот инцидент. Сепак, тие можат да имаат клучна улога во истрагата, како што ќе ни покаже следниот пример.

Снимки на воени злосторства

Во 2014 година, „Амнести интернешнл“ разгледа десетици видеоснимки и фотографии од конфликтот што се разгоруваше во Североисточна Нигерија. Групите за човекови права и новинските организации собираа обемна документација за злоупотребите на „Боко Харам“. Сепак, содржините за кои говорам беа особено интересни, затоа што најголемиот дел од нив прикажуваат злоупотреби извршени од воените сили на Нигерија и од милицијата „Граѓански здружени сили“ (Civilian Joint Task Force – CJTF).

Содржините што беа најрелевантни за нас се однесуваа на настаните од 14 март 2014 година, односно на нападот на „Боко Харам“ врз гарнизонот „Гива“ (Giwa) во Мајдугури, главниот град на нигериската провинција Борно. Нападот бил сниман со видеокамера и поставен на „Јутјуб“ од „Боко Харам“, за пропагандни цели. Нападот резултира во бегство на неколку стотини заробеници од касарната. Одговорот на властите може да се опише само како шокантен: во неколку часа, нигериската армија и „Граѓанските здружени сили“ погубија, без судење и по брза постапка, повеќе од 600 луѓе, повеќето од нив заробеници што повторно беа фатени, често на отворено и пред објективите на камерите.

Неколкумесечното внимателно истражување ни помогна да ги поврземе различните видеоснимки и фотографии во вознемирувачка фотографија за однесувањето и за постапките на воените сили на Нигерија. На пример, една не многу остра видеоснимка, снимена со мобилен телефон, прикажуваше војник како влечка невооружен човек сред улица и го егзекутира до еден цел куп човечки трупови.

Прво спроведовме стандардна анализа на содржина. Анализата вклучуваше извлекување на спецификациите за улицата и уличната расвета, околните згради и вегетацијата, како и детали за луѓето што се гледаат на снимката, како што се облеката и воената опрема што ја носат. Прегледувањето на видеото, кадар по кадар, ни помогна во тој процес. Потоа ги споредивме географските елементи со сателитските снимки од таа област достапни на „Гугл ерт“ (Google Earth). Врз основа на тие активности, можевме попрецизно да ја утврдиме најверојатната локација во Мајдугури, голем град од околу еден милион жители.

Неколку месеци подоцна, искористивме нови фотографии, собрани од отворени извори или директно од локални извори, за да насликаме посеопфатна и уште позагрижувачка фотографија на инцидентот. На пример, најмалку две жртви беа со раце врзани зад грб. Треба да спомнам и дека неколку од фотографиите што ги имавме беа означени со географски податоци (geotagged). Тоа го откривме со испитување на мета-податоците на фотографиите со користење на читачот EXIf. Податоците за локацијата совршено се совпаѓаа со аголот на улицата што го идентификувавме во текот на анализата на содржините на видеото што го анализиравме на почетокот на истрагата.

Други видеоматеријали снимени истиот ден се однесуваа на една уште пострашна сцена, укажувајќи дека е сторено уште едно воено злосторство. Тие го прикажуваа убивањето на неколку невооружени мажи, како што спомнавме претходно во ова поглавје. Видеоснимките се класичен пример за начинот на кој корисничките материјали, ако ги комбинираме со традиционалните методи на истражување, можат да бидат моќна алатка во долгорочните истраги.

Го забавивме видеото за да извршиме анализа на содржината, сè со цел да ги идентификуваме специфичните одлики на војниците и жртвите, или што било друго што би можело да укаже на локацијата, времето или датумот на случување на настаните. Откривме два значајни детали: еден од војниците носеше црн панцир со натпис „Borno State. Operation Flush“ (Држава Борно. Операција Флаш“), односно името на воената операција во Североисточна Нигерија; и, само за момент, видлив сериски број („81BN/SP/407“) на една пушка. Не се гледаа никакви специфични географски карактеристики за да можеме преку нив да ја идентификуваме точната локација.

Детали извлечени од видеото. Кадрите се зголемувани и обработени со цел да се подобри видливоста на деталите. На кадарот десно направивме инверзија на боите за да го нагласиме серискиот број на пушката.

„Амнести Интернешнл“ потоа интервјуираше неколку извори во воените сили кои, независно еден од друг, го потврдија инцидентот, вклучувајќи ги и датумот и пошироката локација во непосредната близина на Мајдугури. Еден истражувач на „Амнести Интернешнл“, на една теренска мисија во таа област, успеа да ги обезбеди оригиналните видеоснимки. Тоа ни овозможи да спроведеме анализа на мета-податоците, нешто што често е невозможно со содржините објавени на интернет, затоа што социјалните медиуми редовно ги модифицираат или ги отстрануваат мета-податоците во процесот на поставување на содржините.

Тие податоци потврдија дека снимката е создадена на 14 март 2014 година. Добивањето на оригиналните записи често е можно само преку развиени локални контакти и мрежи што споделуваат содржини лице в лице или преку електронска пошта (идеално е ако тоа е во шифрирана форма). Вештите истражувачи од новинските дескови и новинарите што можеби ќе сакаат да ги контактираат локалните извори преку „Твитер“ или преку друга јавна платформа треба да ги имаат предвид ризиците што ги носи барањето од контактите да обезбедат такви чувствителни снимки во небезбедна околина.

Во нашиот случај, два извори изјавија дека сторителите би можеле да бидат припадници на 81-от баталјон што оперира во Борно, а дека серискиот број на пушката се однесува на „чета за поддршка“ на тој баталјон. Уште позначајно е што неколку извори, што мораше да останат анонимни, секој за себе изјавија дека таа пушка не е пријавена како украдена, однапред дисквалификувајќи го предвидливиот одговор на нигериските власти дека војниците всушност биле натрапници што користеле украдена опрема и оружје.

По првата јавна изјава за најдраматичните снимки, „Амнести Интернешнл“ ја продолжи својата истрага уште неколку месеци, здружувајќи ги традиционалното истражување, на пример, сведоштвата со сателитските снимки и претходно спомнатите видеоснимки и фотографии. Корисничките содржини го поддржаа општиот заклучок на истрагата дека „Боко Харам“ и нигериските оружени сили се вмешани во злосторства против човештвото. Наодите можат да имаат сериозни импликации, знаејќи дека наведените дела се злосторства според меѓународното право, што значи дека се предмет на универзална јурисдикција и потпаѓаат под јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд.


Published on: 1 September 2016
Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial-NoDerivatives 4.0 International License.